Боранија: лек за дијабетичари, за гихт, за висок притисок, анемија…

Боранијата (Phaseolus vulgaris) е зеленчук кој потекнува од Мексико, а денес се користи речиси насекаде во светот. Постојат голем број сорти кои се разликуваат:

-по боја: жолта, зелена, виолетово-жолта, шарена;

-по должина: кратка, средна и долга;

-по облик: остра, тркалезна, широка и сплескана.

Се користат свежите, млади мешунки во кои зрната сеуште не се развиле целосно а предност имаат сочните и меснатите сорти кои немаат конци.

Боранијата се користи на различни начини, но секогаш готвена или бланширана затоа што не може да се јаде сирова поради протеинот фазин кој е отровен. Со готвење овој протеин целосно се разорува, но не и со сушење. Боранијата се додава на разни салати, чорби и динстани јадења.

Благодарејќи на специфичниот состав, боранијата е одлична намирница за регулирање на нивото на шеќер во крвта. Содржи неесенцијална аминокиселина, аргинин кој делува слично на инсулинот, и на тој начин се снижува нивото на шеќер во крвта и урината.

Аргининот не се уништува со готвење, па така боранијата им се препорачува на дијабетичари, најдобро во вид на вариво.

Содржи калиум кој ја издвојува боранијата од останатите видови мешунки. Калиумот делува како диуретик, поволно влијае врз работата на срцето, го регулира крвниот притисок и помага во исфрлање на штетните материи и вишокот течности од организмот.

Влијае врз намалување на мокрачната киселина, уреата во мокрачата, па така се препорачува и на оние кои имаат проблем со гихт.

Останатите минерали кои ги содржи боранијата покрај калиумот се: калциум, фосфор, магнезиум и во значителна количина железо, па така е делотворна и за анемија, болести на забите, крварење од носот.

Витамините кои ја прават боранијата исклучително здрава намирница се: провитамин А, Б1, Б2, ПП, Ц и Е. Посебно треба да се консумира при намален имунитет, настинки, грип, разни инфекции, екцеми и остеопороза.

Во исхраната има многу голема биолошка вредност, а релативно мала енергетска вредност, па така, според составот повеќе е слична на другиот зеленчук отколку на мешунките.