Бог бил великодушен кога ја создал оваа земја – Македонија, која иако е мала, таа е со недопрена природа и природни богатства, од многумина нарекувана „Бисер балкански“.

Регионот на Преспа од еколошки аспект е еден од најчистите делови на Македонија и природата во областа делува како недопрена од човечка рака.

Резерватот за птици Езерени е лоциран во мочуриштата на северниот брег на езерото Преспа каде живеат 165 видови на различни птици, вклучувајќи диви гуски, пеликани, корморани. 

36 годишниот Благојче Настевски живее тука, во овој дел од Преспа, а неговата љубов и посветеност се пчелите. 

Неговата работа со која се занимава веќе 16 години, воопшто не е едноставна и бара големи жртви.

Тој вели дека едно четиричлено семејство треба да има 80 садници ако живее од пчеларство.

Благојче е вистински професионалец кога станува збор за пчелите, а за тоа сведочат неговите видеа каде тој неповредено им се доближува на овие вредни суштества кои можат да бидат и опасни по животот. Тој ги допира и милува, а тие го лазат и летаат насекаде околу него.

Неговите пчели се сместени во самиот резерват за птици, во чиста еколошка средина, подалеку од издувни гасови и фабрики.

Пчелите се стара сорта која е позната на овие краишта – appimakedonica, која не е многу агресивна, а е многу медоносна.

Во текот на активната сезона пчелите за сопствени потреби произведуваат и до неколку десетици килограми мед и полен, додека вишокот кој што се јавува (во македонски услови околу 15-20 килограми мед) се одзема од страна на одгледувачот.

Меѓутоа лошите временски услови и промената во климата последниве неколку години го намалија вкупното производство. Затоа Благојче секоја година засадува по неколку стотици садници: багрем, амфора, багремец, пауловнија, еводија. 

Сите овие се медоносни дрвја за кои се потребни неколку години за да пораснат, па дури потоа да дадат резултати. 

-Сепак, мора да им се помогне на пчелките – вели Благојче во разговорот за НМД.мк.

-Вадам два вида мед: напролет ливадски (мај/јуни), а на крајот на јули темен – шумски, затоа што тогаш замедува дабот, евлата, врбата.

За жал последниве две години темниот речиси го нема, најверојатно поради климатските промени. Оваа година во јули немаше ден а да не заврне…беше како есен – вели Благојче.

Инаку, медот што јас го произведувам е перфектно чист, го продавам по 450 денари тегла од еден килограм иако реално чини многу повеќе. Исто така, правам и разни комбинации со јаткасти плодови и семки, со матичен млеч, прополис, поленов прав…во зависност од потребите на луѓето. 

Медот и сите пчелини производи се исклучително лековити и од памтивек се користеле за различни болести и тегоби, а најмногу за добро здравје и имунитет. Па така и јас комбинациите ги приспособувам за секој мој муштерија да биде задоволен и полезно да му делува за здравјето.

На ова видео можете да погледнете како поставувам празни тегли во сандаците:

Овде одблизу можете да ги погледнете пчелките:

И ова е готовиот производ:

Ирена Попоска