Станува збор за навистина преубава погача и за вкус и за изглед. Ја направив додека бевме во викендицата, имавме гости за ручек. Замесив тесто а не знаев што и како да направам.

Си реков дека мора нешто набрзина да смислам, а времето лета, нема мене да ме чека…Ќе направам плетенка, си помислив, тоа ми е најлесно. Кога го зедов тестото во раце, сѐ течеше како подмачкано.

Направив плетенка и од неа погача, ама необична. Пробајте ја ако сакате, ќе ви ја објаснам детално и ќе видите дека навистина е едноставна. Еве што ви е потребно:

Потребни состојки:

околу 800 г брашно,
1 коцка свеж квасец /40г/,
200 мл топла вода,
150 мл јогурт,
100 мл масло,
1 лажичка шеќер,
2 лажички сол,
2 јајца + 1 белка,
200 г путер или маргарин за премачкување на корите,
околу 400 г ситно сирење за фил,
1 жолчка за премачкување на погачата + 2-3 лажици масло и сусам и сончогледови семки за посипување

Постапка:

Од наведените состојки се замесува мазно тесто. Значи се активира квасецот во млака вода со шеќер и малку брашно, се додава замлачен јогурт и масло, јајцата и белката, па со постепено додавање на брашното се замесува средно меко тесто кое не лепи на раце.

Тестото се остава да одмора додека се намасти тепсијата и се издроби сирењето. Потоа го делиме на три еднакви делови.

Секој дел се развлекува со оклагија во правоаголна форма, па кората се премачкува со путер, а на двата краја се реди издробено сирење, како на фотографијата. Од двете страни се витка кон средината. Истата постапка се повторува и со останатите два дела.

Сите три краеви ги спојуваме, па плетеме плетенка, нежно, внимателно, без притискање. Плетенката ја виткаме во круг, а крајчињата ги ставаме под погачата. Потоа ја префрламе во намастена тепсија 32 см.

Готовата погача се премачкува со разматена жолчка на која сме додале 2-3 лажици масло, а одозгора наросуваме со сусам, сончоглед или нешто по желба.

Погачата се остава да ферментира за да го удвои волуменот, па потоа се пече во загреана рерна на 200 степени околу 15 минути и уште 30 минути на 180 степени. Најубава е кога ќе добие румена боја.