Малку подзаборавени, а преубави: ЦВЕТ ТАТЛИИ

Фото и рецепт: Анита Стојановска

Цвет татлии по оригинален турски рецепт (според рецептот на Елена Мишковска)

За шербет (чаша = 250 мл):

3 чаши шеќер
2 чаши вода
½ лимон – сок

Се става на оган да врие 5 минути, па се остава да излади. За тоа време се приготвуваат татлиите.

Потребни состојки:

1 чаша кисело млеко/густ јогурт
½ чаша растопен путер (стопен и подизладен)
½ чаша масло
1 чаша пченичен гриз
1 ванилин шеќер/1 лажиче екстракт од ванила
1 прашок за печиво
3 чаши брашно

Постапка:

Во еден сад се става 1 чаша кисело млеко или погуст јогурт, ½ чаша растопен путер, ½ чаша масло, добро се промешува, па се додава 1 чаша гриз пченичен. Се меша и се додава 1 ванилин шеќер или малку екстракт од ванила и 1 прашок за печиво.

Убаво се промешува па постепено се додаваат три чаши брашно со постојано мешање.

Се замесува тестото и се остава покриено да отстои 20 минути. За тоа време се приготвуваат бадемите: се ставаат во топла вода 10 минути, па се лупат. Јас овојпат ставив крупно дробени ореви.

Според рецептот тестото се дели на 4 делови, па од секој дел се развлекува кора и со чаша се вадат по 12 парчиња. Од нив за цветот се редат по 4, се виткаат во ролна, се сечат на половина и на тој начин се добиваат 6 цветови (12:4=3, на половина =6).

Јас вадев со помала чаша, па ми излегоа поситни, речиси двојно. Врз секој цвет се става по еден бадем, во мојот случај ореви, па се печат на 200 степени колку да заруменат. Врели се полеваат со ладен шербет и се оставаат убаво да впие пред послужување.

Цвет татлии (Фото и рецепт: Анита Стојановска)
од Македонска кујна, некогаш и денес

Loading...