Ако сакате домашни крофни со мека и воздушеста средина и убава златна коричка, овој рецепт вреди да го зачувате. Тестото е едноставно за подготовка, а крофните се пржат за кратко време и се особено вкусни додека се свежи и топли.
Со неколку основни состојки ќе добиете миризливи, меки домашни крофни, идеални за појадок, десерт или за послужување со кафе, пишува НМД. Еве што ви е потребно:


Потребни состојки
500 мл млеко, млако
1 коцка свеж квасец или 2 кесички сув квасец
3 лажици шеќер
1 лажичка сол
50 мл масло
3 јајца, на собна температура
1 кг брашно
масло за пржење
шеќер во прав за посипување


Начин на подготовка
Во длабок сад сипете го млакото млеко, додајте го квасецот и шеќерот, па промешајте. Оставете ја смесата 5–10 минути за да се активира квасецот.
Потоа додајте ги солта, маслото и јајцата на собна температура. Промешајте за состојките да се соединат.
Постепено додавајте го брашното и најпрво мешајте со лажица, а потоа замесете со рака. Тестото треба да биде меко и еластично.
Месете го на работната површина додека да стане мазно и да престане да се лепи. Не додавајте дополнително брашно, бидејќи крофните треба да останат меки и воздушести.
Вратете го тестото во садот, покријте го со чиста крпа или проѕирна фолија и оставете го на топло место да стасува, односно да го зголеми волуменот.
Кога тестото ќе нарасне, набрашнете ја работната површина и внимателно префрлете го тестото. Не го премесувајте. Со оклагија развлечете го во кора со дебелина од околу 1 см.
Со чаша вадете ги крофните. Доколку чашата се лепи за тестото, пред секое сечење потопете го работ во малку брашно.
Наредените крофни оставете ги да одморат уште 10–15 минути.
Доколку сакате прстенести крофни, со помала чашка или соодветен кружен калап извадете го средишниот дел од секоја крофна.
Во длабока тава загрејте масло на средна температура. Маслото треба да биде доволно длабоко, околу 1,5–2 см.
Крофните ставајте ги во маслото со горната страна надолу. Додека се пржат, со лажица внимателно полевајте ги со врелото масло. Кога ќе добијат убава златна боја од едната страна, превртете ги и испржете ги и од другата страна.
Готовите крофни извадете ги и наредете ги врз хартиена салветка за да се впие вишокот масло.
Оставете ги кратко да се изладат, па посипете ги со шеќер во прав.
Послужете ги свежи и уживајте во домашниот вкус! Постапката погледнете ја во видео прилогот ОВДЕ:




































