Кочански пастрмајлии: детално објаснет рецепт

Фото и рецепт: Горан Пиринч

Потребни состојки:

600 мл млака вода
1 мала лажичка шеќер
1 лажичка сол
40 г свеж квасец (една коцка)
1 кг брашно

Постапка:

Во половина од млаката вода се додава малку шеќер и 5-6 лажици брашно, се раствора квасецот, па реткото тесто се остава 10-тина минути додека да се активира квасецот.

Во брашното се додава сол, активираниот квасец и со постепено додавање на млаката вода се замесува тестото. Откако убаво ќе се замеси, тестото се остава околу 30-40 минути да стасува. Потоа се премесува и се дели на 8 делови за помали или 4 делови ако сакате поголеми пастрмајлии.

Од секој дел се прават векнички кои се ставаат во крпа да стасуваат.

Откако ќе стасаат векничките, се формираат во форма на пастрмајлии, па се оставаат на набрашнета работна површина за да се опушти тестото.

Откако тестото ќе се одмори, се ставаат пастрмајлиите во намастени плехови и тука конечно се обликуваат со натапкување. Со прстите треба да се почувствува дното на плехот.

Потоа се реди месото кое претходно било зачинето со сол, а може да се додаде и малку димена сланина, пршут или панцета.

Врз пастрмајлијата се става рендан кашкавал (мене ми се така поубави), инаку оригиналниот рецепт е со јајца, но тие се додаваат кога пастрмајлијата е дополу печена (по желба може и малку печурки да се стават во месото).

Кочански пастрмајлии (Фото и рецепт: Горан Пиринч)

Напомена: кога се става кашкавал, не се става маст која се премачкува заедно со месото и после печењето, а кога се прават со јајца, тогаш се става и една лажичка маст.

Кочански пастрмајлии (Фото и рецепт: Горан Пиринч)

Се оставаат околу 10-тина минути да одморат, па се ставаат на печење во загреана рерна на 250 степени додека да добијат убава боја. На печените пастрмајлии крајчињата им се премачкуваат со масло или маст.

Фото и рецепт: Горан Пиринч

Loading...