Како се лекува циститот од Ешерихија коли и што да се прави за да не дојде до повторување

Циститот најчесто настанува поради самоинфекција – главната причина за тоа е женската анатомија!

Втора најчеста причина за посета на лекар кај женската популација се уринарните инфекции. Притоа најзастапен е т.н. цистит, при што речиси две третини од жените имаат цистит барем еднаш во животот. Циститот е најчест кај сексуално активните жени на возраст од 20 до 50 години, а дури во 1/3 од случаите инфекцијата се повторува.

Најчест предизвикувач на оваа инфекција е бактеријата Escherichia coli која живее во гастроинтестиналниот тракт. Други причинители се стафилококи, протеус, клебсиела, ентерокок и псеудомонас.

Циститот најчесто настанува поради самоинфекција – главната причина за тоа е женската анатомија, односно малото растојание помеѓу аналниот отвор и уретрата, коешто го олеснува преминувањето на бактерии (најчесто Escherichia coli) кон уринарниот тракт.

Кога еднаш Escherichia coli е присутна во уринарниот тракт може да се активира ако достигне повисоки концентрации во урината.

Ризик фактори за појава на цистит се пред се падот на имунитет, предизвикан од: прегладување, стрес, дијабет, бременост итн. Исто така чест тригер е незаштитен полов однос или вметнување на инструменти во уринарниот тракт (катетеризација, цистоскопија).

Најчести симптоми на инфекција на мочните канали се:

– болка при мокрење кое оди доста тешко (честопати пациентите велат „само неколку капки“),
– Печење при мокрење и појава на неколку капки крв на крајот на мокрењето,
– Болка или грчеви во долниот дел на стомакот веднаш над срамната коска,
– Болка за време на сексуален однос,
– Итност при мокрење и зачестено мокрење,
– Матна, темна моч, со јак или непријатен мирис.

Ако циститисот не се лечи соодветно Е.coli преку мочоводот може да стигне до бубрезите и да предизвика сериозно воспаление (пиелонефритис). Токму затоа лекувањето е комбинација од антибиотска терапија и соодветен хигиено-диететски режим кој подразбира :

– Одмор,
– Внесување на најмалку 2 литра вода дневно,
– Почесто празнење на мочниот меур со целосна мускулна масажа,
– Мокрење по секој полов однос,
– Хигиенско бришење (од напред према назад),

Во однос на изборот на антибиотици често се користат стандардни антибиотици со широк спектар (пр.амоксицилин+клавулонска киселина) и уроантисептици (пр.нитрофурантоин) но во поново време се повеќе специфични антибиотици за уринарни инфекции, а пред се фосфомицин поради ефикасното и прецизно делување на причинителите во уринарниот тракт, ниската појава на резистенција и можноста за еднократна примена што значајно ја подобрува соработката на пациентите.

При антибиотската терапија задолжително е употреба на соодветен пробиотик со цел да се намалат несаканите ефекти (дијареа) но и да се унапреди ефикасноста.

Корисни може да бидат и додатоци во исхрана на база на Д-Маноза во доза од 2 г (најдобро во комбинација со пробиотици) бидејќи ја намалуваат концентрацијата на E. coli кој е најчест причинител на цистит (90%). Д-маноза е едноставна молекула на шеќер што се среќава во растенија како што се боровинки, брусници, праски, портокали и јаболка, и кој 30 години се користи за природен препарат за отстранување на E.Coli од уринарниот тракт.

Со оглед на тоа дека рецидивите на уринарните инфекции се честа појава, а Д-манозата е апсолутно безопасна и може да ја користат бремените жени, децата и дијабетичарите, се препорачува подолгорочна примена на комбинации на Д-маноза и специфични пробиотици (S.Boulardi) во превентивни цели.

Д-р Илија Келепуровски, специјалист по урологија

Loading...