Кога бев мала, баба ми постојано месеше некои стапчиња во разни форми и ги послужуваше на трпезата, па со брат ми ни велеше да грицнеме од нив пред ручекот ако сме многу гладни. Наместо да посегнеме по чоколадото, таа ни ги правеше овие стапчиња, кои се многу вкусни. Често ги јадевме и кога гледавме телевизија.

Многу брз рецепт за една фина закуска за сите возрасти и сите пригоди. Овие соленки нема кој не ги сака. Се замесуваат за кратко време, а потоа тестото одмора половина час, па се развлекува кора и се сечат соленките и на крај се печат 20 минути. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 мл вода, 1 лажичка шеќер, сусам и останати семки по вкус, сол, 30 г квасец, кечап, малку масло, 400-500 г брашно, 100 г маргарин. Доколку користите сув квасец во кесички, ставете 10 г. Правилото е: делење на количината на свеж квасец со 3 за да ја добиете потребната количина за сув квасец, на пр. наместо 30 г свеж квасец користете 10 грама сув.

ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад сипете 300 мл млака вода. Директно во неа издробете го свежиот квасец или само истресете го сувиот. Кратко промешајте за квасецот да се раствори, па додајте 1 лажичка шеќер, за квасецот да се активира.

Почекајте неколку минути додека површината на водата малку да запени од квасецот, па додајте сол по вкус, сипете го маслото во тенок млаз и постепено започнете да го додавате брашното. Мешајте со лажица додека можете, а кога тестото ќе почне да се собира, преминете на месење со раце.

Потребно е да добиете тесто со средна цврстина кое нема да се лепи. Откога ќе го замесите тестото на набрашнета површина, премачкајте го со малку масло садот во кој што го замесивте тестото и вратете го во него. Покријте со стреч-фолија и памучна крпа и оставете го на топло место додека да ја удвои својата големина.

Пренесете го тестото на работна површина, домесете го уште малку да излезе насобраниот воздух, па развлечете го во правоаголник со дебелина од 1 прст. По потреба додавајте си брашно да не ви лепи на оклагијата. Вака подготвеното тесто поделете го на половина и двете страни премачкајте ги со маргарин.

Преклопете ги едно преку друго двете половини, па премачкајте повторно со маргарин. Повторно преклопете додека да добиете четвртина. Вака подготвеното тесто повторно се развлекува во правоаголник со истата дебелина. Се дели на половина од подолгата страна, се премачкува со кечап (двете половини) и се наросува со сусам и други семки по желба.

Потоа, од секоја половина се сечат стапчиња со дебелина по ваша желба. Пред да ги пренесете стапчињата во обложен плех, извртете ги како спирала. Вака подготвените стапчиња се печат во загреана рерна на 180 степени, додека да поруменат. Деталите погледнете ги ОВДЕ.