Многу вкусен специјалитет за јадење со месо. За овој ручек ќе ви завидуваат и најдобрите готвачи. Запишете си го овој рецепт бидејќи ова нема да го најдете во ниеден ресторан. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 средни компири, 30 г путер (околу 1 лажица), 100 г рендан чедар кашкавал или по вкус, зачини: црн пипер, суво нане, сол. ЗА ФИЛОТ СО МЕСО: 500 г мелено месо, 1 црвена пиперка, 4 зелени пиперки, 1 среден кромид, 3 чешниња лук, 2 домати со средна големина, 30 мл маслиново масло (околу 3 лажици).

И УШТЕ ЌЕ ВИ БИДЕ ПОТРЕБНО: 2-3 лажици доматна паста (25 г), 1 чаша вода (200 мл), зачини: црн пипер, ким, мајчина душица, црвена зачинска пиперка пиперка, сол. За наросување: 150 г рендан чедар кашкавал или некој друг лесно растоплив кашкавал, 1-2 гранчиња магдонос.

ПОСТАПКА: Компирите измијте ги добро под млаз вода и оставете да отстојат 20-30 минути во третата вода. Процедете ги и излупете ги (доколку се млади компири не мора да се лупат). Исечете ги на средни коцки и пренесете ги во тенџере. Прелијте ги со вода, малку посолете и ставете на рингла со среден оган да се сварат.

Кога компирите ќе омекнат, тргнете ги од рингла, процедете ги од водата и оставете малку да се оладат. Во меѓувреме исечкајте го зеленчукот. На црвената и зелената пиперка отстранете им ја дршката и исечете ги на надолжни ленти, па на ситни коцки. Кромидот излупете го и исечкајте го на ситно, како и доматите.

Сите зеленчуци складирајте ги одделно во различни садови. Чешнињата со лук може да ги истиснете низ преса или ситно да ги исечкате. Земете едно тавче и сипете малку маслиново масло. Вклучете ја ринглата на среден оган и ставете го месото да се испржи.

Со повремено мешање, почекајте месото да посиви и да испари течноста од него. Потоа, додајте го кромидот и лукчето и гответе додека кромидот целосно да омекне. Доколку сакате вкусот на кромид и лук да е поинтензивен, испржете ги пред да го додадете месото.

Потоа, додајте ги пиперките, гответе ги кратко додека да омекнат, па на крајот се додава и доматот, затоа што тој треба најкратко да се готви. Зачинете по вкус со сол, црн пипер, црвена зачинска пиперка, ким, сува мајчина душица… Додајте 2-3 лажици доматна паста и прелијте со 1 чаша вода.

Наместо доматна паста, може да ставите 1 чаша доматен сос. Мешајте додека сѐ убаво да се соедини и згусне. Оставете да крчка на тивко, додека го подготвувате варениот компир. Испасирајте го компирот без грутчиња, па додајте го путерот, 100 г рендан кашкавал и зачини по вкус (сол, црн пипер, суво нане) и соединете во еднолична смеса.

Дегустирајте по вкус за да не пресолите бидејќи и месото е зачинето. Подгответе си огноотпорни калапчиња или земјени, а доколку немате, можете сѐ да печете во правоаголен огноотпорен сад, па да си вадите парчиња. Намастете го дното и страните на садот за печење и распределете го пирето подеднакво на дното.

Јас печев во 4 калапчиња и го поделив и пирето и месото на четири дела. Натапкајте го пирето кое служи како основа. Одозгора излејте го месото и убаво израмнете го. На крајот наросете го ренданиот кашкавал, па печете во загреана рерна на 200 степени, 20 минути. Декорирајте со ситно сечкан, свеж магдонос. Деталите погледнете ги ОВДЕ.