Сите ние од викенд се враќаме здебелени, само поради неколку грешки

Некои ситници многу влијаат на зголемување на нашата телесна тежина. Сите ние, кога одиме на викенд, знаеме да се опуштиме во храната и пијалоците. Потоа, кога ќе се вратиме и кога ќе се пшогледнеме во огледало се каеме и преколнувале зошто сме претерале. Но следниот викенд повторно исто. Па се лажеме самите себе дека од понеделник ќе бидеме на диета и така се вртиме во круг.

Но ако се проанализирате самите себе и ако земете лист и молив и запишете сè што сте изеле, а притоа ги соберете калориите, ќе видите дека вас всушност не ве здебелил празничниот ручек, туку нешто друго!

Епа вака, кога вие тргнувате на пат, со себе понесувате гриицки (смоки, чипсови, чиколади, сокови), па потоа сендвичи и јадете по пат. Во 100 грама чоколадо имате околу 500-600 калории. Во 100 грама чипс или други грицки, исто 500-600 калории, плус многу натриум, кој е штетен за срцето и крвните садови. Во еден сендвич кој самите ќе го приготвите пред поаѓање, околу 300 калории и исто така многу натриум (сол).

Значи, доколку по пат изедете еден сендвич, малку грицки и малку чоколадо, вие веќе сте внеле околу 700-800 калории. Дневните потреби за жена се околу 1700, за маж околу 2300. Вие веќе попат сте внеле скоро половина од потребниот дневен внес. Потоа следат салатата (на која ако и додадете масло станува исто така висококалоричен оброк), скарата, некоја ракија пред ручек (во една чашка има околу 200 калории), некое пиво потоа (околу 300 калории по шише).

Е сега, ако веќе не можеме да го прескокнеме ручекот (секако не можеме) и сè што оди со него, можеме барем да се воздржиме од сендвичите, соковите, грицките, за време на патувањето, но и навечер кога ќе се прибереме во хотелската соба или друго сместување.

И не се залажувајте дека нешто сте потрошиле доколку сте прошетале малку. Ништо не сте потрошиле, бидејќи, како за споредба, за да се согорат 100 калории, потребно е десет минутно брзо одење на лента, или околу 2 километри, па сега вие видете.

Ова се некои ситни грешки, кои сите ние свесно или несвесно ги правиме, се препуштаме на моментот и потоа се нервираме цела недела, до следниот викенд, кога почнува сè од почеток. И така се вртиме во круг, а килограмите си се напластуваат, ние сме незадоволни од самите себе, стануваме несреќни, анксиозни, нервозни…

Сè што е потребно, е само малку внимание врз самите себе. Следното патување, наместо грицки, обидете се да поминете со јаболки, банани и чиста вода. Водата ќе ви помогне да бидете хидрирани и да имате енергија, а бананите, поради присуството на калиум, ќе ги ублажи тегобите од патувањето.

Петар П. – инспириран од сопствен пример за непочитување на погоре напишаното, но со цврста одлука тоа да се промени : )