Многу популарниот доктор Александар Митов, особено актуелен стана во последната година, со своите јавни настапи во електронските медиуми, неговиот информативен портал, како и на социјалните мрежи. Но малкумина знаат, дека д-р Митов е идеен творец и реализатор на многу успешната кампања за здрав начин на живот, која Владата на Република Македонија, во два наврати ја реализираше изминатите години.

Нашата соработка со Д-р Митов трае подолго време и тој за НМД во многу наврати има пишувано едукативни текстови кои со задоволство беа прифатени од нашите читатели, токму поради неговиот лесен, разбирлив и интересен стил на објаснување на темите од областа на медицината, здравата храна, здравиот начин на живот.

Токму на идентичен начин, во негов стил, д-р Митов ја напиша и својата книга првенче, “Водич за долговечност”, своевиден прирачник кој секој треба да го има дома, а кој ќе му биде насока како да се храни, каков стил на живот да негува, а преку доследно придржување кон советите да си го подобри здравјето и продолжи животот. Д-р Митов оди уште подалеку. Тој во својата книга инсистира на “лекување” на најзастапените болести на денешнината, преку вистинскиот начин на исхрана и животен стил.

Токму на ова се задржа и еден од воведниците на промоцијата на книгата, Битолскиот новинар Пеце Стефановски, кој му се заблагодари на Д-р Митов, бидејки, како што напомена самиот, со неговите совети, за краток период, успеал да намали педесет килограми од својата телесна тежина.

Искрено ви го препорачуваме овој прирачник, “Водич за долговечност”, а на Д-р Митов му посакуваме да му се множат книгите, настапите, да ја продолжи хуманата мисија со која помага на многумина.

Во продолжение погледнете ја галеријата од фотографии и видеото од настанот:

Петар П.

Фотографии и видео: Калина Трпеска