Рецептот за овие највкусни Лангиди на струмички начин ни го претстави нашата драга членка Данче Стојева во групата НМД рецепти. Традиционално се јадат со локум или шеќер во прав, а кој сака може и со сиренце.




Рецептот е едноставен, се замесува од квасец, брашно и вода, неколку пати се премесува, а марифетлукот е, на лангидите да им се направи дупче во средината за да може маслото побрзо да ги испржи и одозгора.

Фото и рецепт: Даница-Данче Стојева




Со текот на времето рецептот претрпувал измени, па така, во него во можете да додавате и јајца, млеко, газирана вода, капаче ракија… Се пржат во длабоко масло, но се внимава да останат посветли, да не се препржат, особено ако се прават во чест на новороденче. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 800 г – 1 кг брашно, 400–600 мл вода (може половина млеко, половина газирана вода*), 2-3 јајца, малку масло, сол по вкус, 1 голема лажица шеќер, 1 квасец.




ПОСТАПКА: Се активира квасецот во малку млака вода и шеќер, а после 10-тина минути кога ќе запени се додава во брашното заедно со јајцата и постепено се додава млаката вода. Количината на состојките зависи од самото брашно колку впива.




Се замесува меко тесто, се остава да убаво да стаса, да го исполни целиот сад. Двапати (може и трипати) се премесува. Се зема од тестото, се става масло на рацете, па се формира лангидата и се прави дупче во средината.




Се пржат во длабок сад со многу масло, една по една на средна температура. Може и кратко да ги превртете, само внимавајте да не ги препржите. Послужете ги со локум, шеќер во прав, џем, сирење. Пробајте го и следниот рецепт за полнети мекици со сирење:

Фото и рецепт: Даница-Данче Стојева




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 600 г брашно, 1 кесичка инстант квасец, 1/2 лажичка шеќер, 1/2 лажичка сол, 300 мл топло млеко, 50 мл масло. И УШТЕ: свежо сирење, по вкус малку чадено сирење, неколку лажици кисела павлака и масло за пржење.




ПОСТАПКА: Се замесува тесто од брашно, квасец, сол, шеќер, масло и млеко. Кога ќе го замесите, оставете го тестото да стасува околу 40 минути на топло место. Потоа поделете го на 4 топчиња.




Соединете ги сирењата со 2-3 лажици кисела павлака, па посолете по вкус. Развлечете ги топчињата на набрашнета површина, па на половина од валаното тесто ставете го филот со сирење, преклопете, па притиснете ги краевите, да не излезе сирењето.

Мекиците се пржат во тавче со загреаното масло, па пржете ги од двете страни додека да поруменат. Испржените меки мекици прво ставете ги на кујнска хартија да се исцедат од маслото, па послужете! /Coolinarka.com