Овие крекери се одлична закуска во текот на денот. Дечињата ги обожаваат и често си ставаат во кесичка и си носат на училиште од нив. Речиси заситуваат како цел оброк, а може да ги јадете додека го чекате ручекот или додека гледате некој филм. Постојат многу рецепти за крекери, а овој рецепт, кој го дознав неодамна, ми се чини како најлесен.

Крекерите се полнети со младо кромитче, а по желба може да користите какви било зачини за да го збогатите нивниот вкус. На пример, доколку ставите куркума ќе добијат жолто-златна боја и преубав ароматичен вкус. Може да ставите сув копар, кари зачин, црвена зачинска пиперка/чили или мешавина од италијански зачини.

За овој рецепт тестото не се меси со раце. Доколку крекерите ги подготвувате со зачини, во тој случај се мешаат лесно, а доколку сакате да ги зачините со ситни парчиња младо кромитче, на крајот тестото лесно се соединува со раце, додека ситните парчиња да се прилепат за него. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 150 г брашно, 60 мл млеко, 30 мл растопен несолен путер, 2 г сол (1 лажичка), 2 г сув квасец (1 лажичка), 1 г сода бикарбона (половина лажичка), 35 г зелен, млад  кромид, 10 г сусам (опционално) и зачини по вкус.

ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад сипете 60 мл млако млеко (да не биде провриено, ниту ладно), па додајте 30 мл несолен путер, претходно растопен и малку оладен. Промешајте ги состојките, па додајте го брашното одеднаш. Со лажица или шпатула соединете ги состојките малку, додека брашното да почне да се апсорбира во течностите.

Додајте 1 лажичка сол, 1 лажичка сув квасец, половина лажичка сода бикарбона и по желба ставете други зачини, по ваш вкус. Обликувајте меко и фино тесто, кое треба да биде нелепливо. Тестото е многу еластично и не мора да се меси со раце. Настрана исечкајте неколку перца млади кромитчиња на ситни кругови.

Вака сечканиот зеленчук додајте го во тестото и со рака само „прилепете“ ги парчињата за да се распоредат низ целото тесто, и однатре и однадвор. Вака подготвеното тесто оставете го во садот каде што го замесивте, покријте со стреч-фолија и оставете да нарасне 30 минути.

По изминатото време, префрлете го тестото на хартија за печење, малку сплескајте го, а одозгора ставете уште една хартија за печење. Со оклагија, развлечете го тестото во долг правоаголник, да има тенка коричка. Можеби ќе ви изгледа дека тестото потешко се развлекува, но бидете упорни, додека да се добие кора со дебелина од половина прст.

Со обичен или ребраст нож исечете правоаголници кои ќе ги редите во плех, обложен со хартија за печење. Секој крекер оддалечете го од останатите, да не се допираат во плехот (крекерите не растат многу при печење). Печете во загреана рерна на 170 степени, 15 минути. Деталите погледнете ги ОВДЕ.