Рецептот можеби на повеќето од вас ви е познат и веќе сте ги направиле познатите „кашкавалки“, а идејата за изгледот на овие крекери потекнува од една многу креативна мајка која ги објави во групата за македонски рецепти. Ме намамија штом ги видов и одлучив веднаш да ги направам и да ги испробам.

Тестото го приготвив одокативно додавајќи ги состојките, но подолу можете да го прочитате оригиналниот рецепт. Единствената разлика е тоа што, дополнително во моето тесто ставив и малку куркума во прав за да добие жолта боја и уште повеќе да потсетува на кашкавал – Ирена.

Потребни состојки: 100 г рендан кашкавал, 100 г путер или маргарин рендан, 1 јајце, 200 г брашно (се додава постепено, по потреба).

Постапка за приготвување – многу брзо и лесно: во подлабок сад изрендајте го кашкавалот, па во него изрендајте го и путерот или маргаринот, ладен, директно изваден од фрижидер (може да го исечкате и на тенки ленти, како ви е полесно, така).

Потоа додадете го јајцето, посолете по вкус доколку кашкавалот не е солен, а доколку сметате дека не треба, тогаш не посолувајте. Започнете постепено да го додавате брашното и месете додека да добиете меко и нелепливо тесто кое лесно се формира под прстите.

Не го додавајте одеднаш целото брашно, туку постепено, додека ги гмечите и месите состојките со рака. Тестото завиткајте го во кеса или во проѕирна фолија, па оставете го фрижидер да се одмори и да се олади околу половина час. За тоа време убаво ќе се стегне.

Потоа топката тесто ставете ја на набрашнета работна површина и со помош на оклагија развлечете круг. Исечете го на 12 триаголници (Јас смесата ја поделив на 4 помали делови, од секој развлеков кора и со помош на мала чинија сечев круг од кој потоа добив осум триаголничиња – Ирена).

Со помош на додатоците за шприцот за шлаг или сламка за сок, правете мали дупчиња, наизменично помали и поголеми за да добиете изглед на кашкавал со дупки. Добиените парчиња редете ги во плех обложен со хартија за печење и ставете ги да се печат.

Крекерите се печат во претходно добро загреана рерна на 190 степени додека сосем малку започнат да заруменуваат, околу 15-тина минути. Внимавајте и проверувајте ги почесто крекерите, зошто потребно е да останат светли, а за многу кратко време може да се случи да ви изгорат.

Печените крекери оставете ги да се оладат, па можете да ги вкусите и да уживате во нивниот вкус, навистина се неодоливи. Од тестото можете да приготвувате и други форми, едноставно со разни калапчиња вадете ги формите и постапете како што е опишано во рецептот. За НМД.мк – Ирена.

II РЕЦЕПТ – Кашкавалки: многу вкусни за вечера, појадок или закуска, потребни се 5 состојки и 20 минути

Фотографија и рецепт на Марија Карапетровска. Рецептот за овие превкусни кашкавалки ни го откри нашата драга членка Марија Карапетровска во нашата и ваша група НМД рецепти.

Потребни состојки за околу 25 парчиња: 250 г кисело млеко или павлака, 1 прашок за печиво, 1 лажичка сол, 150 г рендан кашкавал, 250-300 г брашно. И уште: 1 јајце за премачкување и сусам за наросување

Постапка: Од сите состојки се замесува мазно тесто кое потоа се развлекува во кора со дебелина од 1 см. Потоа се сечат кругови со чаша и се редат во плех обложен со хартија за печење. Одозгора се премачкуваат со јајце и се наросуваат со сусам. Се печат во загреана рерна на 200 степени, околу 15 минути. Јас направив двојна доза. / Фотографија и рецептна Марија Карапетровска

III РЕЦЕПТ – Погачици од сирење: Се приготвуваат од само 3 состојки, а може да се прават во различни облици – превкусни. Фотографија и рецепт на Јелка Хиги. Многу вкусни ситни погачици од сирење, брзи и лесни за приготвување.

Потребни состојки: 500 г свежо сирење (било какво), 400 г брашно, 250 г путер. И уште: 1 јајце за премачкување, сусам за наросување, крупна сол за наросување по желба

Постапка: Сирењето ставете го во еден подлабок сад и добро изгмечете го. Путерот на собна температура додадете го во сирењето исечено на ливчиња, па измиксајте ги заедно додека да се соединат. На крај додадете го брашното и продолжете со миксање, а после и со месење додека да добиете мазно тесто.

Развлечете кора со дебелина од еден центиметар, па со мала чашка или калап во различни обличи, вадете ги формите и редете во плех обложен со хартија за печење. Одозгора премачкајте ги со јајце и наросете ги со сусам и крупна сол. Ставете ги во загреана рерна на 180 степени, околу 20-тина минути. / Фотографија и рецепт на Јелка Хиги

IV РЕЦЕПТ – Погачици на мој начин, често ги правам, сите ги сакаат. Фотографија и рецепт на Вера Черфељ

Потребни состојки: 500 г сирење, 250 г путер или маргарин, 500 г брашно, јас ставив уште малку, 1 јајце, (½ прашок за печиво – кој сака, не мора, оригиналниот рецепт не содржи прашок за печиво).

Постапка: Сирењето ситно изрендајте го, путерот на собна температура изматете го пенасто, па додадете му ги една по една сите состојки и замесете убаво тесто. Добиеното тесто завиткајте го во проѕирна фолија и оставете го да одмори во фрижидер, најмалку еден час.

Потоа тестото развлечете го во правоаголна кора, а кората префрлете ја на превртена тепсија. Уште малку развлечете со оклагија. Одозгора притиснете со решетката од рерна, така да добиете прво надолжни линии, а потоа и коцки, па со остар нож полека исечете ги коцкичките.

Одозгора премачкајте со жолчка, наросете со сусам и ставете на печење во загреана рерна на 200 степени, кратко време додека да заруменат малку. / Погачици на мој начин (Фотографија и рецепт на Вера Черфељ)