Кашкавалките се многу вкусни соленки кои се одлична закуска за децата, но и возрасните. Се приготвуваат многу брзо и едноставно, а вкусот е неодолив. Во продолжение прочитајте неколку верзии од рецептот:




I РЕЦЕПТ на Марија Карапетровска. Рецептот за овие превкусни кашкавалки неодамна ни го откри нашата драга членка Марија Карапетровска во нашата и ваша група НМД рецепти.




Потребни состојки за околу 25 парчиња: 250 г кисело млеко или павлака, 1 прашок за печиво, 1 лажичка сол, 150 г рендан кашкавал, 250-300 г брашно. И уште: 1 јајце за премачкување и сусам за наросување




Постапка: сите состојки ставете ги во еден подлабок сад и замесете мазно тесто. Тестото можете да го завиткате во проѕирна фолија и да го оставите во фрижидер да одмори половина час, но можете и да го прескокнете овој чекор.




Од тестото потоа со помош на оклагија се развлекува кора со дебелина од 1 см. Со помош на чаша (малку набрашнета) се сечат кругови (формите и големината на кашкавалките може да бидат во ваш избор).




Сечените кругови редете ги во плех обложен со хартија за печење. По желба, одозгора премачкјате ги со едно изматено јајце и наросете ги со сусам или некои семки по ваш избор (ким, црно семе, ленено семе, афион, сончоглед..)




Вака приготвените кашкавалки ставете ги во претходно загреана рерна на 200 степени, да се печат околу 15-тина минути односно додека да добијат убава златнокафеава боја. Јас направив двојна доза / Рецепт и фотографија на Марија Карапетровска. Прочитајте го и следниот рецепт за крекери-кашкавалки:




КРЕКЕР-КАШКАВАЛКИ. Количината на состојките е мала, дадени се како основна мерка, но, по ваша желба можете да направите поголема количина, односно двојно или тројно да ги зголемите мерките.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 45 г брашно, ½ лажичка морска сол, 30 г путер, 55 г чедар кашкавал, 1-2 лажички вода; се пече на 180 степени – 8-10 минути. Можеби ви се чини дека состојките се малку, па доколку сакате, можете да ги зголемите состојките и да направите двојна или тројна доза.




ПОСТАПКА: Во мултрипрактик или во сад за матење ставете брашно, путер омекнат на собна температура и рендан кашкавал. Изматете неколку минути додека (неколку пулса) додека да се соединат состојките. Во смесата додајте две лажички вода, па уште еднаш измиксајте.




Од добиената смеса формирајте топка, завиткајте ја во проѕирна фолија, исплескајте со рацете да добиете квадрат и оставете го тестото да одмори во фрижидер 30 минути. Потоа тестото развлечете го во кора со помош на оклагија, најдобро помеѓу две фолии (или барем одозгора да има фолија, за полесна работа.

Потоа со модла вадете форми и фигури по ваша желба и редете ги во плех обложен со хартија. Остатокот од тестото повторно соединете го и повторете ја постапката додека сето да го потрошите.

Крекерите печете ги во загреана рерна 8 до 10 минути. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

КАШКАВАЛКИ / Марија Карапетровска