Фото и рецепт: Николинка Касап

За да ги приготвите овие превкусни сусамки ќе ви бидат потребни следните состојки кои сигурно веќе ги имате во кујната: 250 г маргарин/путер, 250 г ситно сирење, 500 г брашно + за наросување, 1 прашок за печиво, 1 јајце (не мора), 2 лажички сол и 1 јајце за премачкување.

Постапка за приготвување: Јас ставив едно јајце во тестото, но не мора ако вие не сакате. Маргаринот, сирењето, солта и јајцето измешајте ги убаво, па додадете брашно со прашок за печиво. Убаво замесете го тестото, направете топка и завиткајте го во проѕирна фолија.

Тестото е најдобро да се остави во фрижидер барем неколку часа или преку цела ноќ, а следниот ден да се работи со него. Значи, следниот ден премесете го тестото малку колку да го формирате во валјак и развлечете го во правоаголна кора. Сечете тенки ленти со широчина од приближно 1 см.

Стапчињата наредете ги во плех претходно обложен со хартија. Премачкајте ги убаво со изматено јајце од сите страни за да станат влажни, а одозгора наросете ги со сусам, ким, крупна морска сол, шарена сол, црн сусам, афион, семки од сончоглед, тиква или нешто по желба.

Ставете ги да се печат во загреана рерна на 220 степени додека да добијат убава златна боја. Уживајте во нивниот предобар вкус. Може да ги јадете како мезе, како закуска за секој ден, а исто така одлични се родендени, слави и било какви други свечени пригоди.

Фото и рецепт: Николинка Касап