Петолебието се прави на Вечерната богослужба спроти празникот кој го славиме, во спомен на Христовото чудо кога со петте леба нахранил пет илјади луѓе, а тоа се споменува и во самата молитва за благослов на лебот, пченицата, маслото и виното со прозба тоа да се умножи во целиот град, целата татковина и во сиот свет, а верните кои ќе јадат од нив да се осветат. / Фотографија и рецепт на Јованка Ана Ризовска

Се месат четири помали и едно поголемо лепче, се носат в црква каде свештеникот ги осветува со молитвена песна. Од петте леба, еден кој е благословен се носи дома каде домашните и гостите го јадат за здравје, среќа, радост и исполнување на желба.

Освен петолебие се носи масло, вино и неварена пченица за бериќет во фамилијата, 5 свеќи и ливче со напишани имиња од членовите на семејството. Секој петок до Велигден се прави петолебие освен тој пред Лазар.

РЕЦЕПТ: Тестото е обично како за посен леб. Брашно се додава по потреба а тестото не треба да се лепи за раце. Овојпат јас направив поголема количина, па од остатокот на тестото си направив и други работи.

Ставив 3 лажици сув квасец, 2 лажици шеќер, 3 лажици сол и 1700 мл млака вода. Лепчињата ги печев на 180-200 степени во претходно загреана рерна, околу половина час. Се прават 4 помали и едно поголемо лепче, а додека се меси тестото се повторува молитвата и желбата која му ја упатувате на Бога.

Потребни состојки: 750 г брашно +-, 1 лажичка сол, 1 лажица шеќер, 1,5 пакетче сув квасец, 400-450 мл млака вода +-

Постапка: сите суви состојки се ставаат во длабок сад и со постепено додавање на млаката вода се замесува средно меко тесто кое не лепи на раце. Во зависност од брашното кое го користите, можеби ќе треба количината на водата да ја зголемите или намалите.

Тестото ставете го во набрашнет длабок сад, покријте го со крпа или проѕирна фолија и ставете го садот во топла вода (бања) или на топло место да стои 30-тина минути или додека да го удвои волуменот. Премесете го тестото и повторно вратете го во набрашнетиот сад, покријте со фолија или крпа, и ставете го на топло следните 30 минути да стасува.

Потоа поделете го тестото на 10 делови (8 еднакви а 2 поголеми од останатите). Секој дел расзвлечете го во тркалезна форма. По две се лепат едно на друго (едното лепче премачкајте го со млака вода и одозгора ставете го второто). Поскурникот (дрвен печат) набрашнете го и притиснете го тестото одозгора. Вака подгответе вкупно пет лепчиња.

Доколку сакате, можете веднаш да го поделите тестото на пет делови и да ги формирате лепчињата. Ставете ги во убаво набрашнет плех, покријте ги со крпа и оставете ги да стасуваат околу 30 минути. Печете ги приближно 20 минути во претходно загреана рерна на 180-200 степени./ Фотографија и рецепт на Јованка Ана Ризовска

Посна погача која е мека како памук – ја правам секоја недела / Фотографија и рецепт на Марика Стаменковиќ. Оваа посна погача е мека како памук. Почнав да ја правам за Велигден, а сега ми ја бараат секоја недела.

Потребни состојки: 700 г брашно, 2 лажички сол, 1 лажиче шеќер, 2 лажици масло, 1 коцка свеж квасец и се замесува со млака вода

Постапка: од вкупната количина брашно се одвојува малку, се додава во сад со издробен свеж квасец и лажиче шеќер. Се додава малку малку вода и се меша додека да се растопат квасецот и шеќерот, па се остава 10-тина минути тој да запени и да се активира.

Откако квасецот ќе ферментира, додајте го во преостанатото брашно, заедно со две лажици масло и две лажички сол, па постепено се додава млака вода и се меси додека да се добие мазно тесто. Тестото се остава на топло за да се удвои, а потоа се развлекува со оклагија во кора.

Се сечат ленти, а секоја лента се витка. Се сече на исти парчиња и според величината на тепсијата се редат хоризонтално, во два реда. Во средината се редат исправено, како ружички.

Вака формираната погача се премачкува со јајце и се наросува со сусам, па се пече во загреана рерна на 220 степени додека да зарумени. За посни слави се украсува по желба со фигури направени од брашно, квасец и вода, и се премачкува со маргарин. / Фотографија и рецепт на Марика Стаменковиќ