Ако сте мераклии на домашно печено тесто, особено на домашен леб, испробајте го овој рецепт со кој на лесен начин ќе направите многу вкусно, ароматично лепче, меко како душа. Одберете си ја вашата омилена зачинска билка, ситно исечкајте ја и додајте ја во тестото. Јас ставам свеж копар, но може да се стави босилек, магдонос, рузмарин, оригано, ким.. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 г брашно, 1 полна мала лажичка шеќер, 1 полна мала лажичка сол, 1/2 кесичка сув квасец (6 г), една рака ситно сечкан свеж зачин (копар/мирудија), 210 топла вода, 30 мл масло за готвење (сончогледово)




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад просејте 400 г брашно, додајте сол и шеќер, половина кесичка сув квасец, па промешајте и направете вдлабнување во средината. Додајте го ситно сечканиот свеж зачин (може и сув), маслото и топлата вода.




На почетокот мешајте со лажица додека да се впие водата, а потоа замесете со рака. Кога тестото ќе стане компактно, истресете го на работна површина и месете го неколку минути додека да стане еластично.




Кога ќе започнете со месење тоа е влажно и малку лепливо, но после неколку минути обработка, може да се формира топка. Вратете го во чист сад, намастен со малку масло, а и тестото исто така, намастете го малку за да не се суши.




Оставете го покриено со кеса или стреч-проѕирна фолија да стасува на топло место 20-тина минути, или подолго време ако е потребно, додека да ја удвои својата величина. Потоа истресете го на работна површина и со помош на оклагија развлечете го во кора.




Кората треба да биде тенка 0,5 см со форма на правоаголник. Започнете да ја завиткувате кората како ролат, а краевите на тестото спојте ги со прстите. Малку сплескајте го со рацете, па започнете повторно да го виткате, додека да добиете големо, дебело „клопче“.




Поради овој начин на „диплење“ лебот добива многу мека внатрешност откога ќе се испече. Со двете дланки притиснете го одозгора за да се сплосне, па со помош на оклагијата повторно развлечете го, но овојпат во дебела кора. За последен пат свиткајте го тестото во облик на векна.




Ставете го во плех обложен со хартија за печење, покријте го со памучна кујнска крпа и оставете го на топло место да стасува по вторпат, 20-тина минути или повеќе, додека да го удвои волуменот.

Во меѓувреме вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени, а стасаното лепче премачкјате го со мешавина од масло и млеко, па наросете го со малку брашно. Направете површински дијагонални засеци на неколку места и печете го 20-тина минути или додека да зарумени. Деталите од целата постапка погледнете ги ОВДЕ.