Овие солени мафини многу ги сакам, првенствено затоа што со нив добивам здрав и протеински појадок (или вечера), брзо се подготвуваат и многу се вкусни. Најинтересното кај овој, но и кај другите рецепти за солени мафини, е тоа што секојпат може да се приготват со различен вкус, односно да правите „чиcтка“ во фрижидерот и да ставате намирници какви што имате во моментот.




Овојпат ги приготвив со ситно сечкана сланина и младо кромитче, а може да ставате било што, по вкус. Освен овој рецепт со јајца, ќе ви го откријам и вториот мој омилен рецепт за солени мафини, кој сигурна сум дека многу ќе ви се допадне. Еве што ви е потребно:




РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за 6 мафини): 6 јајца, 1/4 чаша рендан пармезан, 1/4 чаша неутрална течна павлака, сол и црн пипер по вкус. ЗА ФИЛ: 4 ленти сланина кратко пропржени и ситно исечкани, 6 лажички рендан кашкавал/чедар, 6 лажички ситно сечкани зелени перца од млад кромид или власец




РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 чаши брашно, 1 чаша јогурт, ½ чаша масло, 3 јајца, 1 прашок за печиво, 1 лажичка сол, 200 г фета сирење, шунка или сланина по желба (што сакате од сувомеснато, но и не мора).




ПОСТАПКА за рецепт 1: Калапите за мафини добро намастете ги со путер/маргарин, а рерната вклучете ја да се загрева на 180 степени. Во еден подлабок сад скршете ги јајцата и изматете го со виљушка или жица-маталка.




Посолете и запиперете по вкус, па додајте го ситно изренданиот пармезан (може и некој друг тврд кашкавал по ваш избор) и течната павлака. Ако во моментот немате течна павлака, употребете обична и малку разредете ја со млеко или јогурт.




Промешајте да се изедначи со јајцата. Калапите полнете ги со ситно сечкана сланина, кромитче и рендан чедар кашкавал, а одозгора залевајте со мешавината од изматени јајца.

Ставете да се пече во загреаната рерна 20-тина минути. Оставете малку да се подизлади, па внимателно извадете ги мафините од калапите. Деталите од постапката погледнете ги ОВДЕ, а еве ја и постапката за вториот рецепт:




ПОСТАПКА за рецепт 2: јајцата изматете ги со масло и со јогурт. Можете да користите маталка, а можете да ги изматите и со виљушка. Додајте сол и просеано брашно, прашок за печиво, па смесата изматете ја за да се изедначи и да нема грутчиња.




Сирењето иситнете го, додајте го во тестото и промешајте. Шунката исечкајте ја на ситни коцкички, а може да додадете сланина или нешто друго по ваш избор. За да добиете портокалова боја, во тестото можете да ставите и некоја лажица ајвар.

Полнете ги намастените калапи или корпички за мафини, но не ги преполнувајте до врв, затоа што ќе пораснат при печењето. Печете ги во загреана рерна на 200 степени 20 минути.