Oваа салата може да ви послужи како самостоен оброк или да ја направите за идните слави. Со години се јаде во нашето семејство. Во продолжение може да прочитате два рецепти, но постапката е приближно вака:




Ги мешаме павлаката, мајонезот и малку зачини, се додаваат сечканите зеленчуци, тестенините, кои треба претходно да бидат сварени и сѐ убаво се соединува. Овие салати се највкусни ако се остават да се оладат малку во фрижидер, па потоа да се послужат. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 180 г бело пилешко месо, 2 кисели, пеглани пиперки (од зимница), 3-4 кисели краставички, 80 г тврдо сирење, 200 г макарони или некои други тестенини, сол, црн пипер по вкус, мајонез (или тартар – мајонез сос). ЗА ДЕКОРАЦИЈА: 1 јајце, 2 зрна црн пипер, малку шунка, кисели краставички, копар.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 500 г тестенини по ваш избор, 500 г пилешки гради (или салама), 4-5 кисели краставички, 1 чаша кисела павлака, 500 г мајонез, 1 лажичка сенф.




ПОСТАПКА (ПРВ РЕЦЕПТ): Пилешкото месо сварете го и ситно исечкајте го. Потоа ситно исечкајте ги на коцки „пегланите“ кисели пиперки и складирајте ги настрана. Киселите краставички исечкајте ги ситно, а сирењето изрендајте го. Тестенините сварете ги според упатството на кесичката, не ги преварувајте. Важно е да бидат сварени во солена вода.




Сите состојки измешајте ги во еден длабок сад, а тестенините процедете ги од водата, па потоа додајте ги со останатиот материјал. Посолете со една лажичка сол или по вкус. Додајте 3-4 лажици мајонез или тартар мајонезен сос кој одлично одговара за оваа мешавина. Свежо сомелете црн пипер по вкус.




Измешајте додека да се изедначат состојките. Салатата префрлете ја во сад за сервирање и израмнете. Одозгора наросете рендано сирење или кашкавал. За декорација сварете едно јајце и декорирајте го како што е прикажано на видеото подолу или по ваша желба, како прасенце со шунка.




Од шунката исечете тркалце за носот и залепете го со малку мајонез, а за ушите исечете триаголничиња и мала лентичка за опавчето. Двете зрна црн пипер се за очите на прасенцето. Декорацијата завршете ја со копар и сечкани кисели краставички.




ПОСТАПКА (ВТОР РЕЦЕПТ): Тестенините сварете ги во солена вода со додавање малку масло, а потоа сварените тестенини оставете ги да се оладат. Киселите краставички и пилешките гради исечкајте ги на коцки.




Измешајте ги тестенините, киселите краставички и пилешките гради во голема чинија или тава, потоа додајте неколку лажици мајонез, павлака и сенф и сè добро измешајте за да се соединат состојките. Подготвената салата послужете ја во мали чинии. Деталите од целата постапка за првиот рецепт, може да ги погледнете ОВДЕ.