Нема ништо поубаво од домашна, лисната погача која брзо се подготвува, без стасување и чекање да ферментира, а чијшто вкус се памти и секој сака повторно да ја проба. Многу често ја приготвувам, некогаш во двојна доза ако имаме повеќе луѓе на гости, а некогаш дури ја носам и наместо подарок кога ние одеме некаде на гости.

Тестото се приготвува со газирана вода, а погачата се разлистува и многу е мека. Ако досега не сте го испробале рецептот на Валентина, време е да си го запишете и да ја направите, нема да се покаете. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 700 г брашно Т-400, 25-30 г свеж квасец (речиси цела коцка), 1 мала лажичка шеќер, 2 мали лажички сол, 50 мл растително масло, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 250-300 мл газирана вода (по потреба), 200 г путер или маргарин за премачкување на корите, 150-200 г ситно сирење за фил, јајце за премачкување на погачата

ПОСТАПКА: Во подлабок сад просејте го брашното, во средината направете мало вдлабнување и тука сипете ги сите потребни состојки. Започнете со постепено додавање на газираната вода додека полека го замесувате тестото.

Кога тоа ќе стане компактно, префрлете го на набрашнета работна површина и месете го неколку минути додека тоа да стане нелепливо, средно меко (повеќе кон потврдо отколку кон помеко). Тестото покријте го со крпа и оставете го да одмори 15-тина минути за да се отпушти.

Потоа обликувајте го во векна за полесно да го поделите на помнали еднакви делови, колку повеќе, толку подобро. Ние го поделивме на седум дела. Од саекој дел обликувајте топче. Работната површина намастете ја со масло, па секое топче развлечете го со окладија во средно тенка кора.

Кората одозгора премачкјате ја со масло и уште малку развлечете ја за да биде потенка. Вака развлечената кора е доста еластична и може дополнително да се развлекува со раце (со внимателно потегнување на краевите). Одозгора посипете ја со растопена домашна маст или путер/маргарин, премачкјате и наросете ситно сирење.

Исечете ја кората како сонце со зраци, па секој зрак преклопете го кон средината. Формираната мала погачица оставете ја на страна, па земете ново тесто и развлечете го исто како претходното. Намастете ја кората и посипете ја со ситно сирење, па во средината ставете ја малата погачица.

Повторно и оваа кора исечете ја на зраци, а секој зрак преклопете го врз погачицата. Постапката повторувајте ја додека да ги потрошите сите тестенца. Кога ќе добиете голема погача, дополнително со дланките развлечете ја за да биде потенка и префрлете ја во плех обложен со хартија за печење, наопаку.

Одозгора премачкјате ја со растопена маснотија и оставете 5-10 минути да се одмори, па повторно со дланките развлечете ја уште малку. Рерната вклучете ја да се загрева на 200 степени. Исечете ја на коцки, премачкјате ја со изматено јајце и по желба наросете ја со семе.

Ставете ја да се пече кога рерната ќе се загрее и веднаш намалете ја температурата на 180-170 степени. Печете ја приближно 25-30 минути или додека убаво да зарумени. Видеопрезентацијата на Валентина Машковиќ погледнете ја ОВДЕ.