Како се прават кори за пити и бурек: На овој начин може баш секој да направи домашни кори. Овој рецепт е за почетници, а што и да направите со овие кори, пита или бурек, сè излегува многу вкусно.

Тестото содржи малку повеќе вода од останатите теста за кори и затоа полесно се развлекува. Особено обратете внимание на состојките и нивниот сооднос, бидејќи тоа е многу важно за успешно тесто. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за тесто: 260 г брашно тип 450, 135 г топла вода, 2 лажици масло, 2 лажици оцет, 1/2 лажичка сол. ЗА ФИЛ: 750 г младо кравјо сирење, 1 големо или 2 мали јајца, 8 г сол или по вкус. И уште: 200 мл масло

ПОСТАПКА: Сипете го брашното во подлабок сад за месење и промешајте го со солта. Додајте оцет и масло, промешајте и започнете постепено да ја додавате водата. Продолжете го месењето со рака во текот на 10 минути.

Не брзајте и не се откажувајте, не мора да бидете професионален готвач за да знаете како да го месите. Доволно е да го месите „како знаете и умеете“ со рака, во следните 10 минути, за тоа да стане мазно и да добие еластичност.

Потоа поделете го на 8 топчиња (по 55 г). Од топчињата обликувајте валјачиња и редете ги во сад со 200 мл масло. Добро намастете ги од сите страни, покријте ги со кеса или фолија и оставете ги да отстојат еден час на собна температура.

Тепсијата за пита намастете ја со три лажици масло. Во меѓувреме пригответе го филот. мене ми е омилен бурекот со сирење, а вие можете да го приготвите со месо или со фил по ваша желба.

По изминатото време тестото е многу меко и еластично, па само што ќе го извадите од садот со маслото, тоа почнува самото да се растегнува. Поставете го на работна површина и нежно со дланката притиснете го, па почнете да го развлекувате со лесни движења напред-назад.

И самите ќе се уверите дека не ви е потребна посебна вештина за овој рецепт. Ова можат да го направат и мали деца. Ако рацете престанат да ви лизгаат по тестото, едноставно намастете ги и продолжете.

Кората ќе се развлече толку тенко што станува проѕирна, исто како да сте ја тегнеле на вообичаен начин. Но, овојпат нема потреба да ја тегнете огромна преку цела маса, туку доволно е да направите кора со правоаголен облик.

Филувајте и внимателно свиткајте во ролат без брзање, за да не ви се изгужва или скине кората. Краевите кои не содржат фил можете да ги отсечете, но и не морате. Ролатчето свиткајте го како полжав и поставете го во средината од тепсијата.

Постапката продолжете ја и со останатите теста, а ролатчињата надоврзувајте ги едно кон друго, спирално во намастената тепсија. За да добие златна кора, питата одзгора намастете ја со малку масло, но вие не мора ако не сакате.

Ставете да се пече 45 минути во претходно загреана рерна на 220 степени. Оставете малку да подизлади, па исечете ја и послужете ја со чаша јогурт или кисело млеко. Видеопрезентацијата можете да ја погледнете ОВДЕ.

За повеќе рецепти заследете ја NMD.mk, лајкнете ја и споделете ја нашата страница. Следно прочитајте: „ПИТА СО СИРЕЊЕ – СИРНИЦА: Кој не сака да меси тесто, овој рецепт е најлесен, го прават и почетници“ – ОВДЕ.

ПИТА СО СИРЕЊЕ – СИРНИЦА: Кој не сака да меси тесто, овој рецепт е најлесен, го прават и почетници