Ако многупати сте помислиле да направите пита, но не сте успеале заради тестото кое се распаѓа или корите се дебели, пробајте ја новата техника за правење пита што е наменета и за почетници. Тестото излегува како да го меселе професионалци и секогаш е вкусно, меко и сочно. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 мл млака вода, 1 лажичка сол, 700 г меко брашно, 2 лажици масло + 150 мл. ЗА ФИЛОТ: 600 г ситно сирење, 1 јајце, 1 лажичка сол. ЗА ПРЕЛИВАЊЕ (ОПЦИОНАЛНО): 1 јајце, 50 мл масло, 50 мл јогурт.

ПОСТАПКА: Растворете една кафена лажичка сол во млака вода. Брашното се мери, се става во сад, се прелива врз водата и солта, се додаваат 2 лажици масло и сѐ се меша прво со миксер, па се замесува тесто со раце. Месете додека тестото да стане еластично, а во првите неколку минути тоа ќе биде малку лепливо.

Работната површина посипете ја со малку брашно, ставете го тестото и месете дополнителни 5 минути, додека тестото да престане да се лепи (додавајте си брашно по потреба). Тестото се дели на повеќе или помалку делови, помеѓу 8 и 12. Доколку сте почетници, може да го поделите на 12 дела затоа што помалите парчиња полесно се развлекуваат.

Во сад истурете 150 мл масло и секое парче тесто натопувајте го во маслото пред разлекување. Наредете ги тестата во садот со масло, покријте со кеса или фолија и оставете да отстојат 20-тина минути. За тоа време направете го филот. Измешајте го сирењето со сол и јајце во хомогена смеса.

Сол ставете по ваш вкус, во зависност од тоа колку е солено сирењето. Ние сакаме со повеќе сол затоа што корите не се многу солени. Намастете ја работната маса, па ставете едно парче тесто. Намокрете ги рацете и истегнете го тестото лево-десно, како да лизгате по масата, а тоа ќе се растегнува лесно. Тестото треба да биде лесно и тенко.

Друга техника е преку тестото да ставите кеса или некој најлон и така да ја истегнете кората (како што е прикажано на видеото, ако го погледнете, ќе ви биде појасно). Убаво израмнете ги рабовите на секоја кора за тие делови да не бидат подебели и поцврсти при печењето.

На растегнатото тесто ставете фил колку сакате и виткајте го во ролат. Завиткајте го ролатот во круг како полжав и ставете го на средината на подмачкана тава. Кога ќе го развлечете и завиткате вториот ролат, завиткајте го околу централниот дел во плехот.

Сè тркалате вака додека да го наполните плехот. Од оваа количина се добиваат две пити. Питата се пече во загреана рерна на 220 степени додека да порумени. По печењето се покрива со крпа.

ЗА ПРЕЛИВОТ: Направете го преливот пред печењето така што ќе измешате сè и ќе ја премачкате питата. Можете да го прескокнете овој дел, во секој случај питата излегува сочна. Доколку не ја премачкувате со прелив, намастете ја површината на тестото пред печењето со малку масло. Деталите погледнете ги ОВДЕ.