„Прекрасни ароматични печива кои не користат никаква друга течност за тестото освен јогурт и масло. Меки како душа, а со додаток на лук и магдонос навистина посебни“, вели Муцика во својата презентација на рецептот за вкусните „јогуртки“. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 мл густ, цврст јогурт или кисела павлака, 80 мл масло, 1 јајце величина Л, 1.5 лажици шеќер (кристал), 1/2 лажичка сол/повеќе или помалку по вкус, 1/2 кесичка сув (инстант) квасец, околу 500 г брашно

И уште: 50 г путер + малку масло (1-2 лажици), 1 чешне лук, 1 лажичка сечкан магдонос

ПОСТАПКА: Во подлабоко тенџере сипете го целиот јогурт, додајте сол, шеќер и масло, па сè заедно ставете на оган и малку загрејте го на умерено ниска температура колку да се замлачи, да не е ладно.

Тргнете го садот од оган, па додајте го јајцето и половина од брашното, а потоа и квасецот, па промешајте. Додека мешате додавајте го остатокот од брашното.

Кога ќе добиете компактно тесто, дополнително истресете го на набрашнета површина и рачно измесете го за да стане мазно и еластично.

Ставете го во сад, покријте го со проѕирна фолија или обична фолија, па оставете го во топла просторија да ферментира додека убаво да го зголеми волуменот.

За да го забрзам овој процес јас го оставам во загреана рерна на 50 степени околу 30-45 минути додека убаво да стаса.

Добиеното тесто поделете го на 16 дела, секој дел развлечете го во овлана кора, свиткајте го како кифла-ролат и обликувајте ги јогуртките слични на обликот на пастрмајлиите, како чамци со остроаглести врвови, но без вдлабнатина во средината.

Туку, едноставно само фатете ги за двата краја и малку издолжете ги. Префрлете ги врз хартија за печење. Направените јогуртки покријте ги со кујнска крпа и оставете ги да отстојат половина час на топло место.

Потоа растопете го путерот со малку масло и додајте ги сечканите магдонос и лук, измешајте.

Стасаните печива исечете ги по должина во средината за да се добие вдлабнатина. Со лажица лесно полнете ги со подготвената смеса од лук и магдонос, може малку да го проширите жлебот додека ставате со лажицата.

Премачкајте ги печивата со жолчка која сте ја помешале со една лажица млеко или масло. Ставете да се печат во претходно загреана рерна на 180 степени, приближно 20 минути или додека убаво да заруменат. Муцика / Сооlinarika.сom