Уште кога првпат ги пробав веднаш побарав рецепт, затоа што се многу вкусни и фантастично одговараат со некој солен намаз (но и сладок!), а особено со свежо сирење. Пробајте, нема да се покаете… Како мерки користете чаша од 200 мл и шолја за кафе од 75 мл.
Потребни состојки: 1 чаша млеко, 1 сув квасец, 2 лажици шеќер во прав, 2 лажички сол, 2 јајца, 125 г путер или маргарин, 1 шолја за кафе масло и 6 чаши брашно. За премачкување и наросување: 1 жолчка и 50 г сусам
Постапка: Вклучете ја рерната на 180 степени. Омекнете го путерот на собна температура. Во млако млеко растопете го квасецот и шеќерот во прав. Потоа додадете ги сите останати состојки освен брашното и добро соединете ги со жица за матење.
Како мерка користете стандардна чаша од 200 мл и шолја за кафе од 75 мл. Додавајте малку по малку од брашното, па замесете меко тесто. Покријте го и оставете го да надојде (околу половина час).
Кога тестото ќе стаса и ќе ја удвои својата величина, кинете парчиња од него со величина на јајце, обликувајте ги во топчиња, а потоа сплеснете ги со дланката. Погачиците редете ги во тепсија обложена со хартија и покријте ги памучна крпа за уште еднаш да стасаат.
Потоа одозгора премачкајте ги со жолчка и наросете ги со доста сусам. Печете ги додека малку да пожолтат, околу 20 минути или во зависност од вашата рерна.
Овие погачици се јадат топли со било каков сирен намаз, џем или мармалад… Кога ќе изладат можете да ги загревате во микробранова печка иако се вкусни и ладни.