Во тестирањето на раната фаза од развој на вакцина против новиот сој на корона вурус која се развива на Универзитетот Оксфорд, меѓу 1077 учесници, се најде и доброволецот Бранко Рихтман од Босна, научник и микробиолог на Универзитетот Ворик.

Научникот од БиХ е еден од доброволците за експерименталната вакцина против корона вирусот.

“Прво се јавив преку онлајн формулар на кој бараа доброволци за втората фаза од испитувањето на вакцината и после неколку денови ми се јавија од болницата во која се одвива истражувањето.

Ми поставија неколку прашања: колку години имам, здравствена состојба, со што се занимавам, колку често доаѓам во контакт со луѓе… После неколку денови повторно ми се јавија и ми кажаа дека ми е одобрено учеството, но дека ќе мора да одам во болницата за да проверат дали случајно имам антитела на Ковид.

Значи, ги интересираше дали претходно сум бил изложен на вирусот (тие кои се, не можат да ја примат вакцината), потоа ми зедоа крв, направија тест, добија негативни резултати и ме викнаа да ја примам вакцината”, раскажува Рихтман. Овој научник истакнува дека оваа вакцина е всушност како и секоја друга.

Според симптомите, најслична е со вакцината за пневмонија, а се карактеризира со слаба болка на местото на примање на убодот. Во поретки случаи освен болка, оток и црвенило на местото на примање на вакцината (раме) и болка во раката, може да се јави главоболка и малаксаност, како и покачување на телесната температура која се регулира со парацетамол. Овие симптоми секако, се разликуваат од случај до случај.

“Вакцината ја примив во рамето од левата рака, па ме задржаа некое време за да проверат дали ќе добијам некои нуспојави. Сè беше нормално.

После примената вакцина секоја недела сам си земам брис и го испраќам на проверка. Станува збор за познатиот PCR тест со кој се проверува дали сум заразен”, објаснува тој.

Како што вели, после 30 дена, три, шест и 12 месеци ќе му земат повторно крв за да се проверат антителата. Рихтман акцентира дека се одлучил за овој чекор исклучиво бидејќи верува дека нема да можеме да се вратиме во нормална состојба без вакцина.

Рихтман тврди дека не може да има нормална состојба, каква што беше порано, без вакцина.

“Вакцината е неопходна. Како што гледате, овој вирус нема сам од себе да си замине, бидејќи постојано се враќа, а луѓето не можат постојано да бидат затворени дома, бесконечно долго. Па така, сметам дека без вакцина нема да можеме да се вратиме во нормалниот живот”, заклучува Рихтман.

Тој вели дека оваа специфична вакцина би требало, според досегашните резултати и брзината со која се движат работите, да биде достапна уште наесен.

“Заедничка цел на сите е што поскоро да се направи оваа вакцина за да можат луѓето да се вакцинираат и да почнат да се враќаат во нормалниот живот пред да дојде сезонскиот грип. Мешањето на двата вируси дополнително ќе го оптерети здравствениот систем. Сметам дека во сечиј интерес е што поскоро и што посигурно да се случи, а тоа е некаде пред крајот на септември, почеток на октомври”, открива овој експерт од Босна и Херцеговина.