Прекрасно печиво со неодолив вкус и мирис. Едноставно се приготвува само потребно е да се следат чекорите од постапката. Во овој рецепт печивата се филуваат со кашкавал, но вие по избор можете да ги филувате со што сакате. Можете да ги правите солени, но и слатки, по избор.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 7 чаши брашно (од 200 мл), 1 чаша млеко, 1 чаша вода (може газирана или обична), 1 лажичка шеќер, 1 чаша јогурт, 2 јајца, 10 г квасец, 1 лажичка сол, 200 г сусам, 100 г путер, 50 гмед, 150 мл вода, 200 г кашкавал или сирење, плех 40х35 см, стасува 2 часа, се пече 25 минути на 180 степени




ПОСТАПКА: за мерење на состојките се користи една иста чаша која може да биде јогуртна од 180 г или обична за вода од 200 мл. Исто така, многу е важно сите состојки да бидат на собна температура или да бидат млаки (јогуртот, јајцата, млекото, водата..)




Во еден подлабок сад ставете една чаша млако млеко, па додајте вода и една лажичка шеќер. Додајте 10 г сув квасец (една лажица или една кесичка), па промешајте за да се растопат состојките.




Потоа додајте 2 јајца на собна температура и 200 г цврст јогурт или кисела павлака. Добро промешајте за да се изедначат сите состојки и да добиете хомогена смеса. Потоа постепено започнете да го додавате брашното во кое сте додале една лажичка сол.




Најпрво мешајте со лажица, а на крај добро измесете го тестото со рака. Треба да добиете средно меко тесто, еластично и мазно, кое не се лепи за раце. Вратете го во чист сад, покријте го со проѕирна фолија или кеса која од внатрешна страна сте ја премачкале со масло, па со крпа и оставете го тестото да стасува на собна температура околу два часа.




За тоа време тоа убаво ќе стаса и ќе ферментира. Потоа тестото истресете го на работна површинаи нежно премесете го, колку да можете да го поделите на две еднакви половини. Потоа секоја половина формирајте ја како векна и поделете ја на пет дела.




Така, ќе добиете десет парчиња тесто кое е потребно да ги обликувате во топче. покријте ги со проѕирна фолија за да не се сушат. Земете едно топче, малку сплескајте го со дланката, па со помош на оклагира развлечете кора со големина на помала чинија.




Преку цела површина намастете ја со растопен путер на собна температура, па ставете долгнавесто парче кашкавал (пресечено како компирче за помфрит). Здиплете ја кората од сите четири страни, така да добиете долгнавесто печиво.




Во еден подлабок сад растворете 50 г мед со 150 мл вода. Сусамот запржете го малку на сува тава колку да се истостира за да замириса, па оставете го на страна да се олади. Приготвените печива прво натопувајте ги во растворот од мед, а потоа валкајте ги во сусамот.




Приготвените печива редете ги во плех обложен со хартија. Малку одозгора засечете ги, па вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени. Ставете ги да се печат околу 25 минути. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ. Фотографии од постапката: