Посни печени пирошки со фил од праз или зелка…Многу вкусни, за секој период од денот…Фото и рецепт: Лилјана Илиева

За време на пост – посни пирошки – печени.

Потребни состојки:

3 чаши брашно
270 мл млака вода
1 лажичка шеќер
1 лажичка сол
20 г свеж квасец
3 лажици масло

за фил:

одокативно кисела зелка, праз или кромид
1 морков
малку мелен црн пипер

Постапка:

Најпрво на масло ставете го празот или кромидот (зависи што ќе одберете) и кратко пропржете го, па додајте рендан морков и кисела зелка ситно исечкана, уште малку пржете додека убаво да омекне.

Потоа зачинете со црн пипер и тргнете од оган за да излади.

Квасецот растворете го во вода со шеќер, па додајте го во брашното, ставете сол и замесете меко и еластично брашно. Домесете го со масло и оставете го да стасува.

Кога ќе се удвои премесете го уште еднаш, па почекајте уште малку повторно да почне да зголемува волуменот.

Сега поделете го на мали топчиња, од секое топче со оклагија направете тркалезна форма, ставете по лажица од филот и затворете ја пирошката со споениот дел надолу.

Вклучете ја рерната на 180 степени, а за тоа време овие пирошки повторно ќе нараснат.

Ставете ги да се печат додека да заруменат, па уште додека се врели премачкајте ги со масло, покријте ги со крпа. Уживајте во нивниот вкус, меки се како душа.

1 чаша = 200 мл.

Јас ги сакам меките теста и лесно се справувам со нив…Кога ги кинев топчињата ги валкав во малку остро брашно и немаше никаков проблем. Ако на некој му е проблем да работи со меко тесто, тогаш мерката нека ви биде чаша од 240мл.

Фото и рецепт: Лилјана Илиева