За Тодорова сабота обичај е да се приготви посна погача со лук и ореви, според верувањата, за здравје и просперитет на семејството. Еве што ви е потребно за една ваква погача:
Потребни состојки:
400 г брашно (300 бело + 100 интегрално) + за поросување и месење
50 мл маслиново масло + за премачкување
½ лажичка шеќер
20 г свеж квасец или 1 кесичка сув квасец
200 мл вода (50 мл обична + 150 мл газирана)
За фил:
3 главици кромид
2-3 чешниња лук (или во прав), по желба
малку масло
200 г сечкани ореви (150 г + 50 г)
сол, црн пипер, црвен пипер, по вкус
Постапка:
На малку масло пропржете го сечканиот кромид, па додајте и сечкано лукче и посолете по вкус. Омекнатиот кромид тргнете го настрана, додајте 150 г ситно сечкани ореви, зачинете со црн и црвен пипер. Преостанатите 50 г ореви сочувајте ги за подоцна.
Во 50 мл млака вода растопете го квасецот и шеќерот, па оставете да се активира и запени.
Во подлабок сад просејте го брашното (ако најдете најубава комбинација е со интегрална спелта), посолете по вкус, додајте масло и активираниот квасец, па со додавање на млака газирана вода замесете тесто.
Тестото треба да е меко и сосем малку лепливо, да се одвојува од ѕидовите на садот. Оставете да отстои околу 15-тина минути, а потоа премесете го и поделете го на три дела.
Првиот дел од тестото развлечете го со оклагија, премачкајте ја целата површина со масло и наросете со половина од преостанатите сечкани ореви (25 г).
Развлечете го вториот дел од тестото, префрлете го преку првото, па и него премачкајте го со масло и наросете со ореви. Развлечете го и третиот дел, префрлете го преку вториот, па сето убаво премесете и формирајте валјак. Поделете го на три дела.
Тркалезна тепсија (26см или 28 см) намастете ја со масло и посипете ја со брашно. Со оклагија развлечете го првиот дел од тестото според големината на тепсијата, па внимателно пренесете ја внатре и врз неа распоредете половина од филот со кромид и ореви.
Прекријте со втора кора, па преку неа наредете го вториот дел од филот. На крај, сето прекријте го со третиот дел од тестото, спојте ги ивиците и одозгора погачата премачкајте ја со масло.
Печете во загреана рерна на 200 степени околу 45-50 степени. Испечената топла погача веднаш по вадењето повторно премачкајте ја со масло.
Погачата малку нека излади, па сечете ја на убави парчиња и послужете. Се јаде истиот ден кога ќе се направи, многу е вкусна, но за следниот ден веќе станува малку сува.