Кога сакате нешто набрзина да приготвите, ем топло, ем вкусно, ем „месено“ и да одговара подеднакво и со солен и сладок прилог, тогаш запишете си го овој рецепт за јогуртни уштипци, зашто тие се токму такви и нема да се покаете. За само половина час ќе се најдат на трпезата, а не ви се потребни многу намирници за нивна подготовка. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 јајца, 250 мл јогурт, 1 мала лажичка сол, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 550 г брашно и уште масло за пржење. За поголема количина соодветно зголемете ги состојките. Од оваа количина излегуваат 20-тина уштипци.
ПОСТАПКА: во подлабок сад скршете две јајца на собна температура, посолете ги и изматете ги со кујнска жица маталка. Потоа додајте 250 мл течен, густ јогурт, па продолжете со матење уште минута-две или додека да се соединат состојките.
Потоа додајте одокативно половина од вкупното брашно заедно со една кесичка прашок за печиво, па продолжете да мешате со маталката или со дрвена лажица додека да се впие течноста. Остатокот од брашното додававајте го постепено.
Кога веќе не може да се меша со лажица или маталка, продолжете да го месите со рака. Не треба да сте којзнае колку вешти, доволно е да го соединете брашното за да добиете компактно тесто кое не се лепи за рака. Ќе потрошите 450 г брашно или приближно.
Обликувајте го тестото во топка, па бидејќи немора да одмора можете веднаш да продолжите со работа. Сепак, ако имате време оставете го 10 минути во садот да отстои покриено за малку да се отпушти. Наросете ја работната површината со брашно и спуштете го тестото.
Раширете го малку со дланките колку да му дадете облик, а потоа развлечете го со оклагија. Кората треба да има дебелина приближно 8 мм, односно не треба да биде многу тенка. Сечете ленти, па коцки, а може да правите и разни облици по ваш избор.
Во широка тава сипете масло (два прсти длабочина), па загрејте го на умерена температура (на 4 од вкупно 6). Штом започнете со пржење на уштипците намалете ја малку температурата (на 3) или регулирајте според вашиот шпорет. Повремено превртувајте ги и пржете ги додека убаво да заруменат. Вадете ги на хартиена салфетка и послужете ги топли или ладни (секако се убави). Деталите од постапката погледнете ги ОВДЕ.