Рецепт за домашен леб што успева секојпат: Крцкав одозгора, мек однатре
Ако барате брз домашен рецепт што мириса неодоливо, изгледа како од пекарница и совршено оди со ручек, вечера или мезе за гости, ова ароматично лепче со лук и пармезан ќе ве освои уште по првото пробување.
Тестото е меко и воздушесто, а преливот со маслиново масло, лук и свеж магдонос му дава богат медитерански вкус што потсетува на омилените италијански специјалитети.
Одличен избор е за семејна трпеза, дружења, филмски вечери или како домашна замена за брза храна. Дополнително, рецептот е економичен, практичен и лесен дури и за почетници во кујна, пишува НМД. Еве што ви е потребно:

Потребни состојки
За тестото:
* 450 г брашно
* 250 мл топла вода
* 25 мл масло
* 5 г сув квасец
* 5 г шеќер
* 5 г сол
За преливот:
* 50 мл маслиново масло
* 3 големи чешниња лук
* 20 г свеж магдонос
* 20 г рендан пармезан
* 3 г сол
Постапка
Во млака вода додајте шеќер и сув квасец, па промешајте додека да се растворат состојките. Потоа сипете масло, додајте сол и уште еднаш промешајте.
Течната смеса постепено сипете ја во брашното, па мешајте со лажица или шпатула додека да се соединат состојките. Замесете меко и еластично тесто кое не се лепи на рацете.
Покријте го тестото со проѕирна фолија и оставете го на топло место околу 30 минути, додека да го удвои волуменот.
Наросете малку брашно врз работната површина, па префрлете го тестото и кратко премесете го. Со дланките формирајте тркалезна форма, а потоа развлечете го како подебела пица, според големината на плехот.
Тестото префрлете го во плех обложен со хартија за печење. Покријте го и оставете го уште 15 минути да одмори и повторно да нарасне. Потоа исечете го на коцки.
За преливот, во сад измешајте маслиново масло, ситно рендан лук, сол, рендан пармезан и ситно сечкан магдонос. Промешајте додека да се соединат сите состојки.
Рамномерно распоредете ја смесата врз целото лепче, така што преливот да навлезе и помеѓу засеците.
Печете во претходно загреана рерна на 180 степени околу 25 минути, додека да добие златнорумена и крцкава кора.
Ова домашно лепче одлично се комбинира со доматен сос, песто, крем-сирење, супи, салати и различни видови месо, а многумина велат дека е повкусно и од класична пица.
Постапката можете да ја погледнете во видео прилогот ОВДЕ:





































