Солените стапчиња се најпрактичните печива кои секогаш може да ги правите различни, да комбинирате и испробувате нови вкусови.

Што се однесува до украсувањето, може да ставите кој што има: ленено семе, црвен пипер, мак, сусам, куркума, чили…

Може да правите разни комбинации и да добиете различни шарени стапчиња. Во продолжение прочитајте го рецептот на Веселка Кузмановска, а подолу и посниот рецепт:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 180 мл јогурт, 100 мл млеко, 50 г растопен путер, 1 јајце, 1 белка, 1 лажичка сол, 1 лажичка шеќер, 1 сув квасец, 600 г брашно.

И УШТЕ: путер за премачкување на корите, кашкавал, кечап, шунка печурки, оригано.. за фил, жолчка за премачкување, сусам за наросување.

ПОСТАПКА: Во подлабок сад ставете го брашното, во средината додајте млако млеко и јогурт на собна температура, шеќер и квасец, јајцето и белката, како и растопениот и изладен путер.

Замесете убаво меко и мазно тесто, покријте го и оставете го да стасува додека да ја удвои големината. Стасаното тесто малку премесете го, па поделете го на четири приближно еднакви делови.

Од секој дел со оклагија развлечете кора со правоаголна форма. Преку целата површина премачкајте ја кората со омекнат путер и рендан кашкавал. Развлечете уште една таква кора, премачкајте ја само со путер, а потоа со премачкната страна преклопете ја првата кора со кашкавалот.

Кората исечете ја на ленти, редете една врз друга по две ленти и увртувајте ги. На истиот начин постапете со другите две кори, но овојпат можете да ставите како фил: кечап, шунка, печурки и оригано.

Вртените печива наредете ги во плех обложен со хартија, оставете ги малку да одморат, премачкајте ги со жолчка и наросете ги со сусам, па печете ги во загреана рерна на 200 степени околу 20 минути. Вториот рецепт се приготвува со вино поради кое тестото е неодоливо меко и се топи во уста. А, во продолжение не го пропуштајте ниту третиот рецепт:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 1 чаша бело вино, 1 чаша масло, 1 прашок за печиво, 1 лажичка сол, брашно по потреба (околу 700 г). Фотографија и рецепт на Даринка Николиќ – Посни солени стапчиња.

ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад за месење ставете ги сите состојки (на собна температура) и со постепено додавање на брашното замесете средно тврдо тесто.

Веднаш развлечете кора со дебелина од околу половина сантиметар, од едната страна наросете го со сусам или ленено семе/мак, па свртете ја кората од другата страна и наросете алева пиперка или нешто по ваша желба.

Добро поминете со оклагијата врз семето за тоа убаво да навлезе во тестото (во овој случај, бидејќи стапчињата се посни, не се користи јајце за премачкување). Кората сечете ја на ленти, вртете ги во спирала и редете ги во плех обложен со хартија.

Ставете да ги печат во загреана рерна на 200 степени, само колку малку да заруменат. Не го пропуштајте ниту третиот рецепт кој можеби најмногу ќе ви се допадне:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ТРЕТ РЕЦЕПТ): 300 мл вода, 1 лажица шеќер, сусам и останати семки по избор, 50 мл масло, 30 г квасец, 400 – 500 г брашно, 100 г маргарин.

ПОСТАПКА: Свежиот квасец околу 30 г издробете го со малку млака вода и една супена лажица шеќер. Промешајте убаво за да се растопи квасецот, па додајте 50 мл масло и остатокот од млаката вода.

Постепено додавајте го брашното, посолете и мешајте со лажицата додека да добиете средно меко тесто. Месењето завршете го рачно додека тестото да стане еластично.

Потоа вратете го во чист сад и покријте го со проѕирна фолија и крпа. Оставете го да отстои половина час за да се активира убаво квасецот и да се удвои тестото.

На набрашнета површина развлечете го тестото со набрашнета оклагија. Формирајте правоаголна кора со дебелина од 1 прст.

Кората пресечете ја на половина, да добиете две долгнавести правоаголни кори. Одозгора кората намастете ја со малку омекнат маргарин за да добие на мекост.

Корите преклопете ги една врз друга, па повторно пресечете на половина (на два квадрати). Преклопете ги, а помеѓу намастете со маргарин. Вака здипленото тесто одозгора притиснете го малку со оклагија и уште еднаш пресечете го и преклопете го.

На крај убаво и полека развлечете правоаголна кора (а со преклопувањето се добива ефект на лиснато тесто, постапката може да се погледне во видео прилогот).

Добиената кора премачкајте ја со кечап и одозгора наросете обилно семки да се покрие целата површина (потребни се околу 50 г сусам, малку ленено семе и семки по избор).

Кората пресечете ја на половина, па сечете тенки ленти, завиткувајте ги малку спирално и редете ги во плех обложен со хартија за печење.

Вака приготвените стапчиња со семки ставете ги да се печат во загреана рерна на 200 степени, околу 20-тина минути додека убаво да заруменат.