Кога ќе ви се јават ненадејни гости или случајно ќе ви затропаат на врата, затскријте се во кујната и додека го варите кафето направете ги овие ситни колачи кои се готови за 20-тина минути.

Од само 5 состојки и 5 минути труд, за кратко ќе ги послужите на трпезата и сите ќе се чyдат како сте ги направиле за толку кратко време.

Отсекогаш биле најпрактични ситните колачи, бидејќи не бараат многу труд при подготовка, а не се ни валкаат многу садови кога ќе ги послужите.

Одлично се комбинираат со кафе и ако ги послужите во чинија која ќе ја ставите на средина, гостите ќе можат колку што сакаат да си земат, нема да остане. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 125 г цврст јогурт, 1 чаша шеќер, 1 чаша масло, 7 г прашок за печиво, 300 г брашно (околу 4 чаши). ЗА ГЛАЗУРА: 300 г темно чоколадо, ситно сечкани бадеми.

Напомена: Шеќерот и маслото се ставаат во иста количина како и јогуртот. Во чашата која сте го измериле јогуртот, измерете шеќер, па потоа масло и соединете ги во еден сад.

ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад се става цврстиот јогурт или пак кисела павлака. Веднаш потоа, во јогуртот се додава иста количина на шеќер, па масло. Состојките малку се промешуваат со жица/маталка до соединување.

Потоа се додава прашокот за печиво, се промешува, па во смесата постепено се започнува да се додава брашното.

Како што го додавате, мешајте ја смесата со лажица или шпатула, а кога ќе почне да се соединува во компактна маса, како тесто, преминете на месење со раце.

Замесете фино, компактно и нелепливо тесто. Ова тесто не треба да се чека да отстои, туку веднаш по замесувањето, се формираат колачињата.

Важно е брашното да го додавате постепено и точно ќе одредите колку треба. Треба да добиете средно меко тесто кое лесно се обликува со раце.

Со помош на лажица или одокативно, вадете по малку од смесата и формирајте колачиња во форма на „ќофтенца“ или валјачиња. Приближно вадете иста количина од тестото, а обликуваните колачиња редете ги на плех, обложен со хартија за печење.

Во плехот, колачињата не треба да се прилепуваат едно до друго, но доволно е да има 1 прст простор помеѓу нив, бидејќи тие не растат многу при печењето.

Колачињата се печат во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 15-20 минути. За тоа време ќе се испечат и однатре, а однадвор треба да добијат светлозлатеста боја. Оставете ги малку да се оладат на собна температура, а во меѓувреме направете ја глазурата.

ЗА ГЛАЗУРА: Црното чоколадо растопете го на пареа или во микробранова печка. Настрана, ситно исечкајте ги бадемите (количина по ваша желба) и измешајте ги во растопеното чоколадо.

Секое колаче, едно по едно, спуштајте го во глазурата додека целосно да се натопи, а потоа вратете го на истото место во плехот, каде што се печеше.

На овој начин, подгответе ги сите колачиња, редејќи ги во плехот да отстојат, додека чоколадото малку да се стегне. После тоа, можете веднаш да ги послужите со кафе.

Нема потреба да ги чувате во фрижидер и по желба може половина да ги декорирате со бело чоколадо, а половина со темно. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.