Полнет месен ролат – многу едноставно и лесно, а превкусно! Пригответе на лесен и едноставен начин. Еве што ви е потребно:

Потребни состојки:

1 кг мешано мелено месо
3 дебели парчиња леб
1 главица кромид
1 главица лук
вегета, сол, црн пипер
3 лажички црвен пипер

1 рака и повеќе сечкан лист од магдонос
1 мала шолја лебни трошки/ презла
1 јајце

300 г тенко исечена панцета/сланина
200 г кашкавал
200 мл бело вино

Постапка:

Во еден голем сад измешајте: месо, јајце, исечкан и малку пропржен кромид, леб натопен во млеко и издробен/изгмечен со раце, презла, исечкан лук, магдонос и зачини.

Сето добро измесете го и соединете. Од оваа смеса ќе добиете два ролати/штрудли, со идеална дебелина за печење.

На приготвена алу-фолија ставете половина од месната смеса, па притискајќи со дланките формирајте правоаголник со дебелина од околу 1 см.

Преку целата површина на месото нарендајте половина од кашкавалот, а потоа со помош на фолијата полека свиткајте во ролат.

Внимателно подвиткајте ги краевите и аглите за да не истекува кашкавалот при печењето. Кашкавалот можете да го ставите и централно по должина и да збогатите со неколку листови димено месо.

На второто парче алу-фолија наредете ја панцетата/сланината така што листовите малку да се преклопуваат, да добиете една целина. Одозгора ставете го месниот ролат, па повторно со помош на фолијата обложете го целиот ролат со сланина.

Покријте со алу-фолија или со капак и печете покриено на средина од рерната на 200 степени околу 30 минути. Потоа тргнете ја фолијата и продолжете со печење до крај, уште околу 35 минути.

Ролатот е готов кога ќе добие убава златно кафеава боја, а панцетата/сланината ќе стане крцкава. Кратко изладете, исечете на парчиња и послужете со варен зеленчук, компир и добро вино!