Не, Бадник и Божик не се семејни празници – еве го објаснувањето

Толкувањето дека Божик е семеен празник, како и таквото празнување, исто така, е туѓо неправославно учење. Каква врска има непорочното и бессемено зачнување, и безболното и девствено раѓање со засновањето на овоземното човечко семејство? Ама баш никаква!

Значи, имаме туѓо учење – неправославно, кое се надополнува со неправославна иконографија: каде што Јосиф и Марија стојат заедно наведнати пред колевката на Исус – што асоцира на семејство, за разлика од православната иконографија каде што Пресвета Богородица и Секогашдева Марија заедно со Богомладенецот Христос го заземаат централниот простор на иконата, а праведниот Јосиф, ако некој не знае, не ни може да го забележи на иконата – насликан негде настрана.

Ако на ова го додадеме и нарочното организирање на семејна вечера токму на Бадник – од 365 вечери во годината, заедно со нарушувањето на определениот црковен пост, а со тоа и неможноста за Причест – се комплетира целата слика колку сето тоа е погрешно. Христовото Рождество не е некаков празник на семејството, туку нормално, после црква го празнуваме и во семејството.

Она што сигурно е грев – етички и еколошки, и што треба веднаш да го промениме, е оставањето на многу семејства во Р. Македонија без огрев и храна преку зима, а сме можеле да им помогнеме.

Наместо да палиме ритуални огнови и да ја дозагадуваме околината, и наместо да го нарушуваме постот со мрсни јадења и световни музики и песни, подобро е да им помогнеме на сиромашните со огрев и храна, и ќе видиме каква радост тоа дело на милосрдие ќе ни донесе и кој благослов Божји во животот.

Господи Исусе Христе, преку Богородица, просветли нѐ и помилуј нѐ!

Митрополит Струмички Наум