Како да се препознае АУТИЗМОТ кај децата

Аутизмот најчесто се препознава по несоодветниот одговор на детето на надворешни стимуланси како на пример звук, допир, присуство на други лица и друго.

Нереагирањето на звук подразбира отсуство на „одговор“. Во пракса, познат е примерот на една мајка која скршила неколку чинии, за да се увери дека со нејзиното дете нешто не е во ред.

Стручните лица објаснуваат дека на овие деца обично не ми се допаѓа кога некој ги допира и реагираат така што се повлекуваат или почнуваат да плачат и ја туркаат личноста која ги допрела.

На некои звуци и стимуланси детето често ги затвораат очите или ушите. Аутистичното дете склоно е кон изолација, без било каква причина или повод.

Дефектолозите велат дека децата со аутизам може да се препознаваат и по тоа што одбиваат разновидна исхрана. Тие јадат еднолична храна со иста боја, форма и мирис.

Не одговорораат на наредби па се добива впечаток дека детето не го разбира говорот на другите и е непослушно. Одбиваат директен контакт со други луѓе, освен со мајката или лице од локалната средина и не гледаат во насока на изворот на звукот или говорот.

Аутестичните деца премалку спијат и често сонот им е со прекини. Овие деца искажуваат недоверба кон непознато лице. Тие немаат иницијатива во играта и тоа често се случува да бидат отфрлени. Склони се кон бегство, се движат подалеку од својот дом, скитаат и немаат ориентација.

Најдоминантна карактеристика – долгата стереотипна игра

Според стручните лица, најдоминантна карактеристика кај овие деца е долгата стереотипна игра и импресионираност од светлина и сенки.

Првите знаците на аутизам најчесто се појавуваат пред детето да наполни три години, иако можеби состојбата е дијагностицирана доста подоцна.

Она што е карактеристично кај оваа состојба е тоа што родителите на почетокот забележуваат дека нивното дете не го развива говорот и не реагира кон другите луѓе како и нивните врсници.

Децата кои имаат знаци на аутизам не го развиваат говорот нормално и делува како да не слушаат, иако на тестовите за слух, наодите се нормални.

Сериозноста на симптомите на аутизмот варира од случај до случај. Некои деца имаат потреба од помош во сите свои дневни активности, додека други можат да функционираат на многу високо ниво и дури можат да одат во училиште со сите други деца.

Оваа состојба влијае врз начинот на живот, односно овие деца се изолираат од социјалните контакти со другите луѓе во нивната околина. Особено е важно навремено да се дијагностицира и соодветно да се третира оваа состојба. Некои истражувања покажале дека постои можност тие деца во иднина да имаат самостоен живот како возрасни.

Аутизмот почнува уште во утробата на мајката

Пред две години научници од Калифорнискиот универзитет направија студија со која докажаа дека аутизмот почнува уште во утробата на мајката. Имено, делумните промени во развојот на мозокот настануваат многу порано пред раѓањето на детето, вклучувајќи ги и симптомите на аутизам.

Во студијата се користени податоци кои се добиени постхумно со анализа на мозокот на 22 деца на возраст од две до 15 години. Со помош на низа генетски маркери, откриено е постоење на абнормалности во мозокот и тоа кај 90 отсто од децата со аутизам, додека тоа е потврдено само кај 10 отсто деца кои немале аутизам.

Промените се забележани во подрачјето на мозокот одговорни за јазикот и за општествената и емоционалната комуникација. Тоа се промени кои настануваат многу пред раѓањето.

За аутизмот се претпоставува дека е наследен. Постојат истражувања кои имаат цел да утврдат кои гени се одговорни за оваа состојба. На овој степен на развој на науката е невозможно да се докаже наследноста, велат стручните лица.