Сите ги сакаат крофните меки како душа, наросени со шеќер во прав, а внатре исполнети со неодоливо вкусен крем… Бесценет момент на уживање. Меѓутоа, оригиналните крофни се пржат во длабко масло, а многумина од здравствени причини ги одбегнуваат токму ваквиот начин на подготовка.




Имаме рецепти за крофни кои многу малку впиваат масло при пржењето, но имаме и рецепти со кои повторно ќе можете да уживате во убавиот вкус на крофните, доколку целосно го одбивате маслото. Овие крофни се печат во рерна, без масло. Прочитајте три рецепти и одберете кој најмногу ви одговара:




РЕЦЕПТ 1. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 40 г свеж квасец, 900 г остро брашно + околу 100 г меко брашно за мешање и обликување, 4 цели јајца, 300 мл јогурт, 200 мл вода, 150 г шеќер + околу 150 за валкање на крофните, 150 г маргарин + 100 г за премачкување.

ПОСТАПКА: Во млака вода растворете го квасецот со една лажица шеќер и оставете го 10-тина минути на топло место додека да се активира и запени. Во голем сад за месење ставете го острото брашно., јогуртот и јајцата на собна температура, остатокот од шеќерот, растопениот маргарин/путер и активираниот квасец. Добро промешајте со лажица или шпатула додека да добиете меко и лепливо тесто.




Откако ќе го соедините убаво, покријте го и оставете го да стасува еден час додека да го удвои својот волумен. Кога ќе стаса тестото истресете го врз набрашнета работна површина, па полека и лесно премесете го. Повторно наросете ја работната поврина, па со оклагија развлечете кора со дебелина од 1-1,5 см. Со чаша вадете ги крофните и редете ги во плех претходно намастен со маргарин.

Потребно е да оставате доволно простор помешу крофните, бидејќи во текот на печењето тие ќе нараснат, па затоа, имајте во предвид дека нема сите да ви ги собере во еден плех. Првиот плех со крофни оставете го да отстои 15 минути, па вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени.




Дури потоа со чаша вадете ја втората тура крофни, за да не ви прекиснат ако ги вадите истовремено со првите. Кога рерната ќе се загрее, а крофните ќе се удвојат, ставете ги да се печат додека да добијат светлокафеава боја. Додека се печат растопете го остатокот од маргаринот и штом ги извадите печените крофни од рерна, веднаш премачкувајте ги и валкајте ги во шеќер во прав.

РЕЦЕПТ 2. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 70 г путер, 125 мл млеко, 125 мл вода, 2 јајца, 1 ванилин шеќер, 500 г брашно, малку сол, 1 квасец и 55 г растопен путер за премачкување на крофните откако ќе се испечат.

Постапка: Квасецот помешајте го со брашното и ванилин шеќерот. Потоа додајте јајца на собна температура, млака вода, млако млеко и растопен путер па изладен, па замесете фино, меко тесто. Месете го додека убаво брашното да ги впие сите состојки и започне да се одвојува од ѕидовите на садот.




Тестото оставете го да стасува додека да го удвои својот волумен околу половина час или повеќе. Кога тестото ќе стаса и убаво ќе нарасне и ќе го зголеми својот волумен, размесете го нежно колку да формирате топка, а потоа со помош на оклагија развлечете го во не премногу тенка кора, па со чаша вадете кругови.

За полесно да се сечат крофните и да излегуваат од чашата, пред секое засекување во тестото, чашата малку набрашнете ја. Плехот обложете го со хартија за печење и премачкајте го со малку растопен путер. Секоја крофна одозгора премачкајте ја со путер.




Оставете ги во плехот да стасуваат додека да станат воздушести и да го удвојат својот волумен. На тој начин тие ќе бидат меки како душа после печењето. Значи, откако ќе стасаат, дури потоа печете ги во претходно загреана рерна на 250 степени околу 20 минути.

Врелите печени крофни премачкајте ги со растопен путер (55 г) и оставете ги малку да подизладат и да го впијат путерот. Готовите крофни валкајте ги во шеќер кристал (за да се нафатат убаво од сите страни) и одозгора наросете ги со шеќер во прав. Може да додадете и ванилин шеќер.




Исто така, кога ќе бидат изладени, може да ги филувате по желба со шприц за торти (пробушете ги истиснете го филот). Како фил можете да користите џем, мармалад, чоколаден или лешников крем, па дури и пудинг од ванила, овошен или чоколаден. Одозгора можете да ги прелиете со чоколадна глазура.

РЕЦЕПТ 3. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 јајца (мали по величина), 200 мл млеко, 1 супена лажица квасец, 3 лажици шеќер, 1 прстофат сол, 20 г путер, околу 400 г брашно, околу 50 мл млака вода за замесување на тестото.

Полнењето е по желба (варен пудинг, крем-намаз, џем). Ќе ви биде потребен уште шеќер во прав за валкање, плех обложен со хартија за печење, шприц за полнење, чаша или модла за вадење на крофните.




Постапка: Измешајте топло млеко, шеќер и квасец и оставете да се активира. Скршете две јајца, ставете прстофат сол и една лажица шеќер и промешајте со виљушка. Додајте го квасецот, па и него промешајте го со јајцата.

Додајте го брашното (оставете малку за домесување) и околу 50 мл млака вода. Мешајте со виљушка да добиете меко, воздушесто тесто. Потоа додавајте постепено брашно по потреба и замесете со рака.




Кога ќе започне да се одлепува тестото од ѕидовите на садот, покријте го со проѕирна фолија и оставете да го удвои волуменот. Потоа премесете го и префрлете го на работна површина каде ќе го домесите, па покријте го повторно и оставете го да одмори уште 10 минути.

Потоа развлечете кора со дебелина од 2 см, да не се претенки крофните ни предебели, колку еден прст. Со чаша вадете ги крофните, па редете ги крофните со растојание од околу 2-3 см, затоа што при печењето ќе нараснат. Наредените крофни покријте ги со крпа и оставете ги 20-тина минути да се удвојат.

Останатото тесто повторно премесете го и оставате го да одмори, па повторете ја постапката. Се печат во загреана рерна на 180 степени, а кога ќе почнат да растат намалете на 150 степени, додека да добијат розеникава боја, внимавајте да не ги препечете.




Врелите крофни се валкаат во шеќер во прав, а по желба можете да додадете и ванилин шеќер. Одозгора правете им дупче со рачка од дрвена лажица и со шприц полнете ги со фил по ваша желба. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.