Пишиите се омилениот македонски појадок, а кога целата куќа ќе замириса на нив, сите се стрчуваат накај трпезата, да ги јадат, додека се топли. Тестото за пишии се подготвува многу лесно и едноставно и не ви е потребно многу месење. Можете да ги правите и на деновите кога се пости, за тестото ви се потребни само вода, брашно и квасец.




За подготовката на овие пишии дефинитивно ќе се изненадите, поради тоа што се пржат на хартија за печење. Овој метод ги прави пишиите да станат воздушести и да не загорат додека да се подујат како балон. На вкус се перфектни. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (СО МЕРКИ НА ЧАША): 2 чаши топла вода (500 мл), 1 лажичка шеќер (10 грама), 1 лажица сув квасец (10 грама), 6,5 чаши брашно (780 грама), 1 лажичка сол (8 грама), 1-2 лажици растително масло (20 мл). ЗА ПРЖЕЊЕ: многу масло. Како мерка се користи чаша од 250 мл, а за брашното се користи од 200 мл.




ПОСТАПКА: Водата која ја користите не треба да биде зовриена, туку млака, на собна температура. Во поголем сад сипете ја водата, додајте го шеќерот и сувиот квасец. Измешајте ги состојките со жица/маталка до соединување и почекајте неколку минути, додека квасецот да набубри.




Додајте го брашното, измешано со солта на два наврати и измешајте додека да се апсорбира во течноста. Кога ќе почне да се згуснува и да добива поцврста конзистентност, преминете на месење со раце. Постепено додавајте брашно, додека тестото да престане да се лепи. Не го месете премногу, за да не биде многу цврсто, доволно е додека да стане компактно.




Во тестото додајте го маслото (убаво оди маслиново масло) и фино вмешајте го, околу 3-5 минути. Покријте го тестото во садот каде што го замесивте и оставете да нарасне околу 40-тина минути, додека да ја удвои својата големина. Важно е тестото да стасува во многу топла просторија.




По изминатото време, префрлете го тестото на набрашнета рамна површина и замесете го сосем уште малку, додека да излезат насобраните гасови од него. Формирајте го како голем балон и малку притиснете го со прстите, за да се израмни на површината. Поделете го тестото на 12 еднакви делови, како за пица и секој дел обликувајте го во топче.




Исечете 3 листови хартија за печење на четирипати, за да добиете вкупно 12 квадрати хартија. Секое топче ставете го врз хартијата за печење, покријте и оставете да нараснат уште 15-тина минути. Секое топче, развлечете го со прстите, во големина на хартијата, а на средина направете дупче (вдлабнатина) со прст.




Загрејте масло во едно подлабоко тавче, негде до половина, намалете ја температурата на среден оган и пржете една по една пишија, сосе хартијата за печење. Кога пишијата ќе се подуе, како балон, извадете ја хартијата и продолжете да ја готвите пишијата уште неколку минути од двете страни, додека да порумени.

Подготвените пишии редете ги во чинија, а одоздола ставете салфетка за да се извади вишокот маснотија, иако овие пишии не апсорбираат премногу масло. Послужете ги топли, со сиренце, павлака, ајвар, лутеница… Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.