Home ТЕСТО Рецепт за најдобриот ѓеврек – 15 минути печење!

Рецепт за најдобриот ѓеврек – 15 минути печење!

Рецепт за домашни крцкави ѓевреци

Овој рецепт за ѓевреци ќе ве воодушеви со својата едноставност и автентичен вкус, кој наликува на оние свежо печени ѓевреци од најдобрите пекарници.

Совршени за појадок, ужина или за уживање во секое време, овие крцкави ѓевреци се лесни за подготовка и сигурно ќе станат омилени во вашиот дом.

Следете ги чекорите и уживајте во домашно приготвени ѓевреци со неодолив вкус и текстура, пишува НМД. Еве што ви е потребно:

Потребни состојки:

– 1 лажица сув квасец
– 1 лажица шеќер
– 1 чаша млака вода (200 ml)
– 50 ml масло за јадење (половина мала чајна чаша)
– 1 лажичка сол
– 3,5–4 чаши брашно
– 2–3 лажици меласа/мед/малтекс/јаворов сируп
– 50 ml вода (половина мала чајна чаша)
– 1–1,5 чаша печен сусам
– НМД

Постапка:

1. Во сад за месење ставете го сувиот квасец и шеќерот. Додајте ја млаката вода и промешајте со маталка за да се растворат состојките. Покријте го садот и оставете го да отстои 5–6 минути за да се активира квасецот.

2. По активирањето на квасецот, додајте го маслото за јадење и солта. Промешајте повторно со маталка за да се соединат состојките.

3. Постепено додавајте го брашното, малку по малку, мешајќи со лажица додека тестото почне да се формира. Кога тестото ќе се згусне, продолжете да месите со раце, додавајќи брашно по потреба.

Месете додека да добиете меко, еластично тесто кое не се лепи за рацете, но е малку поцврсто од тестото за погача. Вкупно ќе ви бидат потребни околу 3,5 чаши брашно, но количината може да варира, па додавајте постепено.

4. Префрлете го тестото на лесно набрашнета работна површина и месете го уште неколку минути додека да стане мазно и хомогено.

5. Поделете го тестото на шест еднакви дела и од секој дел формирајте топче. Покријте ги топчињата со чиста крпа и оставете ги да отстојат 15 минути.

6. Во меѓувреме, подгответе ја смесата од меласа. Во сад измешајте 2–3 лажици меласа со вода и мешајте додека да се добие хомогена течност.

Подгответе го и печениот сусам во посебен сад. Ако користите непечен сусам, испечете го во сува тава на тивок оган, мешајќи постојано, додека да добие златна боја.

7. Земете едно топче тесто и развлечете го со раце во долго, тенко валјаче како јаже. Потоа, преклопете го на половина и извртете ги краевите во спротивни насоки за да добиете плетенка.

Спојте ги краевите и протнете ги за да формирате ѓеврек. Повторете го процесот со останатите топчиња тесто.

8. Секој ѓеврек потопете го кратко во смесата од меласа, а потоа извалкајте го во печениот сусам, внимавајќи да биде рамномерно покриен. Ставете ги ѓевреците на плех обложен со хартија за печење.

9. Покријте ги ѓевреците со чиста крпа и оставете ги да отстојат уште 15 минути. Во меѓувреме, загрејте ја рерната на 200 °C.

10. Печете ги ѓевреците во загреана рерна околу 15–20 минути или додека добијат рамномерна златно-кафеава боја. Времето на печење може да варира во зависност од рерната, па следете ги за да не загорат.

11. Извадете ги ѓевреците од рерната и оставете ги кратко да се изладат. Сервирајте ги топли или на собна температура за да уживате во нивната крцкава текстура и богат вкус.

Овие домашни ѓевреци се идеални за секоја прилика и сигурно ќе ги воодушеват сите што ќе ги пробаат. Добар апетит! Постапката погеднете ја во видео прилогот ОВДЕ: