Овие вкусни и брзи крофнички се меки и воздушести, а јогуртот во тестото ги прави да бидат уште попуфнасти и дава добар вкус. Крофничките може да ги јадете благи или солени, како што преферирате. Интересно е тоа што тестото, воопшто не се допира со прсти, односно не треба да се меси.

Од оваа смеса излегуваат навистина многу крофнички, па можете смесата да си ја поделите на половина и во едната да ставите солени состојки, како на пример ситно сечкана шунка и кашкавал, може и кисели краставички, додека во благата смеса можете да додадете малку ванилин екстракт, а откога ќе се направат крофничките, да ги валкате во гранулиран шеќер. Eве кои состојки ви се потребни за да ги направите:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250-300 г брашно, 250 г јогурт, 150 мл млеко, 1 јајце, 1 лажичка кора од лимон, 70 г шеќер (5 лажици), 10 г прашок за печиво (1 лажица), растително масло за пржење. За благи крофнички ќе ви биде потребно и гранулиран шеќер, а за солените може да им ставите фил по желба или да ги оставите шупливи, па да ги јадете во комбинација со некоја салата.

ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад каде што ќе ја подготвите смесата, скршете го јајцето и малку изматете го со жица или маталка. Потоа додајте го шеќерот (ако ги правите солени, прескокнете го овој чекор) и убаво измешајте ја смесата додека шеќерот да почне да се растопува.

Постепено започнете да го додавате јогуртот, додека непрекинато мешате со маталката. Во соединетата смеса додајте 150 мл и убаво измешајте ја додека таа да стане еднолична, без грутчиња. Додајте сосем малку изрендана кора од лимон (на благите крофнички им дава убава арома).

На крајот се додава брашното кое претходно треба да биде претходно просеано и се додава на неколку наврати, измешано со прашокот за печиво и прстофат сол. По желба, во благите крофнички може да се додаде и екстракт од ванила или половина кесичка ванилин шеќер.

Соединете ја смесата еднолично, да има погуста конзистентност од онаа за палачинки. Во едно тавче, кое треба да биде со што поголем волумен, сипајте од маслото (негде до половина). Оставете ја ринглата на која сте го ставиле тавчето да се загрее на средна кон ниска температура.

Кога маслото ќе се загрее, со обична мала лажичка натопете ја во загреаното масло, а потоа црпете од смесата и со помош на друга лажица спуштајте ја смесата во загреаното масло (во форма на топче). На истиот начин пржете по неколку крофнички, колку што ви собира во тавчето.

Крофничките се пржат од сите страни додека да фатат убава златна боја. Кога ќе се испржат, се вадат на чинија со хартија за печење, за да се исцедат од вишокот масло, па веднаш потоа се пржи нова тура, додека да го потрошите целиот материјал. Обично, крофничките се пржат по неколку минути.

Кога ќе се исцедат и додека се топли, крофничките се валкаат во чинија во која сте ставиле гранулиран шеќер, а потоа веднаш може да ги послужите. Смесата е многу компактна и никогаш не можете да погрешите со овој рецепт.

Иако овој рецепт конкретно е наменет за подготовка на благи крофнички, самата смеса е доста флексибилна и со малку измени може да направите и солена варијанта од овие печива, со малку труд. Смесата е навистина добра и затоа многу домаќинки ја практикуваат. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.