Додека се пече се шири примамлив мирис сè до кај соседите. Кој не би сакал сега да касне малку од тазе испечена, мека и вкусна погача. Уште повеќе, ако погачата е направена со кашкавал, тогаш задоволcтвото е уште поголемо.

Ова тесто се замесува многу лесно, не е потребна голема филозофија. Дури и почетниците во кујна лесно можат да направат една ваква погача со кашкавал и да ги израдуваат своите најмили. Готовата погача е толку мека, вкусна и многу убава.

За да замесите ваква жолта погача, ќе ви бидат потребни следните состојки: 1 кг и 200 грама брашно, 3 јајца, 4 лажички масло, млака вода по потреба, лажичка шеќер и исто толку сол, еден квасец, околу 300 грама кашкавал, 1/2 коцка путер (125 г).

ПОСТАПКА: прво треба да се замеси средно меко тесто. За таа цел ги користиме сите производи, освен една жолчка од јајце, кашкавалот и путерот. Измешајте ги сите состојки додека да добиете убаво меко тесто. Бидејќи тестото содржи квасец, состојките не смеат да бидат ладни.

Оставете го тестото да ферментира 30-тина минути. Стасаното тесто поделете го на четири еднакви топчиња. Потоа секоја топка поделете ја на три. Со помош на оклагија развлечете ги во тенки кори – тие треба да бидат големи колку обична чинија за јадење.

Откако е подготвена првата кора, одозгора намачкајте ја со омекнат путер и наросете со малку рендан кашкавал. Ставете ја следната кора врз оваа кора и повторете го истото со путерот и кашкавалот.

На ред е третата кора. Откако ќе ја ставите и третата кора, притиснете со дланките малку за да ја развлечете повеќе, па свиткајте ја во ролат и сечете парчиња. Можете да ја редите во намастен плех или тепсија како „Слоново уво“;

Или пак, како парчиња „полжави“ едно до друго, како „корнети“, но исто така, можете да ја свиткате целата како еден голем ролат – во вид на полжав. Најлесно е ролатите да ги редете една до друга и да ги исечете на парчиња по ваша желба. Изгледот на погачата е според ваш избор.

Погачата оставете ја да стасува на топло место додека да го удвои волуменот, а потоа премачкајте ја со жолчка од јајце и ставете малку путер. Погачата ставете ја во добро загреана рерна на 200-220 степени, а пред крајот наросете ја со малку кашкавал и допечете ја. Прочитајте го и рецептот за „Ѓеврек погача“, омилената на читателите на НМД:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 600 г брашно тип 500 (меко), 40 г свеж квасец, 1 јајце, 1 лажичка сол, 1 лажичка шеќер, 50 г маргарин, 250 мл млако млеко и 3 лажици јогурт. ЗА ФИЛ: 120 г маргарин, 1 јајце, 2 парчиња сирење. За премачкување: 1 жолчка, малку масло и сусам

ПОСТАПКА: Замесете го тестото од наведените состојки и оставете го стаса додека да го удвои волуменот. Развлечете со оклагија кора со дебелина од половина прст. Од тестото вадете кругови со чаша како за крофни. Круговите редете ги во длабока тепсија или тенџере во кое печете погачи во рерна.

Редењето е следно: секој круг легнува до половина врз претходниот, а помеѓу веднаш ставате фил. Оставете ја погачата 20-тина минути да стаса и нарасне, премачкајте ја со разматена жолчка, наросете со сусам и печете на 220 степени околу 30 минути. Кога ќе зарумени ставете одозгора фолија за да не изгори.

ФИЛ: маргаринот, јајцето и сирењето соединете ги со виљушка. Можете и друга комбинација да ставите по ваш вкус.