Рецептот веднаш запишете се, зашто оваа пченкарна погача навистина е нешто посебно, нема кој не се воодушевил од вкусот. Лесно и едноставно се приготвува, само треба да почекате половина час да се испече, а потоа да се сладите со неа. Може да ја јадете како леб, а може да ја послужите со сирење и кисело млеко, по вкус. Еве што ви е потребно според рецептот на Ивана:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 350 г пченкарно брашно, 500 г бело брашно, 20 мл масло, 1 лажица путер или маргарин, 2 мали лажички сол, 40 г свеж квасец (1 коцка), 400 мл млака вода, 1 мала лажичка шеќер. ЗА ПРЕМАЧКУВАЊЕ: 1 лажица путер или маргарин, сол, сусам…




ПОСТАПКА: Во подлабок сад изронете го квасецот и прелијте го со 400 мл млака вода, додајте една мала лажичка шеќер, малку масло (20-тина милилитри) и една супена лажица омекнат путер или маргарин (на собна температура).

Промешајте за да се растопи квасецот, па додајте го пченкарното брашно (350 г), промешајте за да се изедначи, па додајте исто толку бело брашно (350 г) и две мали лажички сол, па сето со лажица измешајте го.




Тестото е потребно да се измеша додека е поретко за да се одбегнат грутчињата и да се измазни смесата, па дури потоа по потреба се додава остатокот од брашното, оние 150 г. Сепак, не претерувајте со брашното, тестото треба да остане меко.




Доработете го набрзина во рака (иако е меко и лепливо) за да му се зголеми воздушестноста. Ќе ви делува навистина меко, но така треба да изгледа. Покријте го во садот каде го замесивте и оставете го да стасува 15 минути на топло место.




Рамниот плех од рерната обложете го со хартија за печење и сосем малку намастете ја. По изминатото време наросете сосем малку брашно врз стасаното тесто и лесно премесете го и префрлете го врз подготвениот плех.




Одозгора наросете го со уште малку брашно и лесно притиснете го со прстите за да ја развлечете погачата (може потенка или подебела, како сакате). Површински засечете ја дијагонално на коцкички. Погачата добива посебен вкус поради путерот кој се става одозгора.




Една преполна супена лажица распоредете ја насекаде по малку. Наместо омекнат путер, може да ставите и маргарин. Одозгора посолете ја погачата и по желба наросете сусам или семки. вака подготвена оставете ја да отстои 15-тина минути додека се загрева рерната на 220 степени.

Печете ја половина час или додека да зарумени. Прекријте ја со хартија и кујнска крпа и оставете да отстои 10-тина минути пред послужување. Деталите од целата постапка погледнете ги ОВДЕ.