Јафа тортата, или како што ја нарекуваат „ресана тортата“ е многу честа торта на славските трпези. Љубителите на чоколадото ѝ се поклонуваат, а домаќинките ја обожаваат поради лесниот начин на подготовка, кој буквално одзема околу 15-тина минути.




Следниот рецепт за колач со бисквити е многу сличен на погоре споменатата торта, па според многумина, е и многу повкусен. Потребни ви се неколку основни состојки и за кратко време ќе се најде на вашата трпеза. Колачот е евтин, нема печење, не се користат, јајца, ниту брашно. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г бисквити, 150 г сечкани ореви (100 г + 50 г), 250 мл млеко, 120 г шеќер, 2 г ванилин шеќер, 60 г какао, 150 г путер, 70 г темно чоколадо. Постапката детално проследете ја во продолжение:




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете ги бисквитите и со раце искршете ги на помали парчиња. Од бисквитите треба да останат покрупни делови, за да биде шарен колачот кога ќе се пресече. Во мало тенџере ставете го млекото, додајте го шеќерот и ванилиниот шеќер и потоа ставете го тенџерето на рингла, вклучена на средна температура.




Промешајте ги состојките со жица/маталка, па кога млекото малку ќе се загрее додајте го какаото и измешајте додека целата смеса да стане темна, без грутки. Во кремот од млеко, шеќер и какао, кој треба да биде малку згуснат, додајте го путерот и измешајте додека целосно да се растопи и инкорпорира во кремот.




Тргнете го тенџерето од рингла и оставете да отстои околу 10-тина минути, да се подолади. Потоа, чоколадниот крем се излева врз скршените бисквити и со дрвена лажица добро се соединува смесата, додека да стане соединета и сите парчиња од бисквити да се натопат во чоколадото.




Настрана исечкајте 100 г ореви, на покрупни парчиња и додајте ги во смесата. Истресете ја смесата во кружен калап, обложен со хартија за печење и добро израмнете ја и натапкајте ја со помош на шпатула/лажица.




Најдобро е да користите калап кој е помал, за базата на колачот да излезе повисока, така е најубав. Кога добро ќе ја израмните смесата, исечкајте ги и останатите 50 грама ореви на покрупни парчиња и распоредете ги подеднакво врз измазнетата кора. Оревите може малку да ги натапкате, за да подвлезат во чоколадниот дел.




Ставете го колачот во фрижидер, додека базата да се олади, па потоа со 70 грама растопено чоколадо, декорирајте го колачот врз сечканите ореви. Направете разновидни линии по ваша желба.

Вака подготвен колачот може веднаш да го послужите, доколку сте нестрпливи да го пробате или сочувајте го во фрижидер до утредента, така е уште поубав. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.