Основна мерка за проички со сирење: меки се како сунѓер, одлични за појадок или вечера

Состојките се дадени како основна мерка за смесата од која може да си правите проички во калапи за мафини, или пак пита, а можете дури да ја печете и во калап за куглоф.

Освен сирење по желба можете да додадете и малку сечкана црвена пиперка, младо кромитче, рендана тиквичка, малку спанаќ, сечкана шунка или сувомеснато по избор…

Потребни состојки: 3 јајца, 200 мл јогурт, 100 г путер, 200 г ситно сирење, 200 г пченкарно брашно, 100 г бело брашно, 1 прашок за печиво, 100 мл газирана вода
малку сол

Постапка: Можете да ги матите јајцата цели, но секогаш подобро излегуваат ако се одвојат белките од жолчките. Значи, одвојте ги белките и со прстофат сол изматете ги убаво со миксер додека да добиете цврст снег.

Потоа додека сè уште матите со миксерот, постепено додавајте ги една по една жолчките и соединете ги во пенливата смеса. Во изматените јајца додадете го јогуртот, а потоа и изренданото сирење.

Промешајте со лажица па додадете го изренданиот путер.  Најпосле додадете го брашното помешано со прашок за печиво. Промешајте добро за да се изедначи и доколку смесата е премногу густа разредете ја со газирана вода.

Со помош на лажица полнете ги калапите за мафини, претходно добро намастени со путер (или хартиени корпички за мафини), или пак целата смеса излејте ја во соодветен калап. Ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени околи 20 минути или додека да бидат печени.

coolinarika.com

Претходна статијаСамо 3 состојки за совршен колач: Направете здрави чоколадни брауни кои можат да ги јадат и деца
Следна статијаПолнети кекси кои се топат во уста…апсолутно совршени