Вака подготвените јајца се традиција во моето семејство за време на велигденските празници, но многу често ги подготвувам и во остатокот од годината, особено кога ќе ми дојдат некои гости. Полнетите јајца во три вкуса се подготвуваат за кратко време. Сѐ што ви треба се неколку едноставни состојки.

Полнетите јајца се брзо и едноставно предјадење кое може да се послужи за секакви пригоди. Секогаш први исчезнуваат од трпезата и сите се воодушевени од нивниот вкус. Оваа комбинација ви ја препорачувам, вака послужените јајца сигурно ќе ја красат трпезата и ќе се изедат во еден миг. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 9 варени јајца, 90 г суви домати, 1-2 китки власец, 50 г шунка, 3 лажички мајонез. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 5 јајца, 2 супени лажици мајонез (или повеќе по потреба), 1 мала лажичка сенф, 1 супена лажица кисели краставички, 1 супена лажица млад или обичен кромид, зачини: сол, црн пипер, мелена зачинска пиперка.

ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: Јајцата сварете ги тврдо во зовриена вода. За жолчката да биде тврда потребно е да ги варите од 7-10 минути. Потоа, излупете ги и оставете малку да се оладат, па пресечете ги на половина и одвојте ги жолчките од белките.

Поделете ги жолчките рамномерно во 3 чинии. Ситно исечкајте ги шунката, власецот и сушените домати. Во секоја чинија жолчки додајте по една лажичка мајонез. Во првиот сад со жолчки и мајонез додајте 1 лажичка рен и соединете го.

Потоа додајте ја шунката и измешајте. Во другиот сад изгмечете ги жолчките и мајонезот, додајте го власецот и измешајте. Доколку е потребно, ако пастата од жолчка и власец е премногу сува, додајте уште малку мајонез. Потоа од третиот сад соединете ги жолчките и мајонезот, додајте ги сувите домати и повторно измешајте.

Наполнете ги половините од белките со вака подготвените пасти и ставете ги на послужавник или декоративен овал. Деталите од целата постапка за првиот рецепт погледнете ги ОВДЕ, а во продолжение проследете ја постапката за вториот рецепт.

ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: Јајцата тврдо сварете ги, па кога ќе се оладат пресечете ги надолжно на половина и извадете ја жолчката. Испасирајте ги со виљушка, па додајте им мајонез и сенф и промешајте до изедначување.

рецепт 2

По потреба додајте и повеќе мајонез, во зависност од тоа колку редок сакате да ви биде кремот. Додајте ги ренданите или ситно исечканите кисели краставички (исцедете ги од сокот) и ситно сечканиот кромид, зачинете и промешајте. Со смесата полнете ги јајцата и декорирајте по желба.