Доколку сакате нешто освежително и лесно, оваа банана торта е полн погодок за вас. Не ви требаат многу намирници за да ја подготвите, а покрај тоа ќе ги избегнете и јајцата, брашното и рерната. Сѐ се прави за неколку минути, а тортата е богата и слоевита, ќе изгледа како да сте вложиле премногу труд за да го добиете овој перфектен вкус.

Одлична е да ја направите непосредно пред доаѓањето на некои ненајавени гости (сепак тортата мора да отстои во фрижидер неколку часа, но доколку гостите ви се најават, а вие немате многу намирници, овој рецепт е одличен да го имате во план). Се состои од два кремови и еден бисквитен слој, а помеѓу секој крем се реди тенок слој на банани. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 банана, 200 г бисквити (јас користев темни бисквити), 100 г ореви, 80 г путер, 400 г крем сирење, 200 г нутела или некој друг крем по ваш избор,  50 г шеќер во прав, 200 мл (една просечна шолја) крем за готвење (неутрална павлака). За декорација: чоколадо и чоколадни трошки (опционално).

ПОСТАПКА: Измерете 200 г бисквити и скршете ги на помали парчиња, па сомелете ги во блендер. Може да користите бели или темни бисквити, јас користев темни. Сомелените бисквити тргнете ги настрана во еден подлабок сад, а потоа преминете на сомелување на оревите.

Соединете ги оревите и бисквитите, па растопете 80 г путер на пареа или во микробранова печка. Прелијте преку мелените бисквити и ореви и измешајте во еднолична смеса, со мокра конзистентност. Смесата треба веднаш да се соединува во рака, нешто слично како влажен песок. Доколку е премногу сува, додајте повеќе путер.

Вака подготвената смеса излејте ја во калап со флексибилен обрач (со помал пречник). Претходно калапот обложете го со хартија за печење од страните. Излејте ја смесата и надигнете го бисквитниот дел по страните на калапот. Израмнете со помош на лажица или чаша, како ви е полесно.

Ставете го калапот во фрижидер за бисквитниот дел малку да се стегне (доволно е 10-тина минути), а во меѓувреме подгответе го кремот. За крем: во еден сад соединете 200 г крем сирење, додајте 200 г нутела или некој друг крем и измиксајте во едноличен крем. Вака подготвениот крем излејте го преку бисквитниот дел и израмнете.

Исечкајте една банана на тенки кругови и наредете преку чоколадниот крем. Потоа, измиксајте ја неутралната павлака во цврст крем, па соединете ја со шеќерот во прав. Измиксајте уште малку, додека да добиете мазен крем, па додајте го преостанатото крем сирење. Соединете уште еднаш.

Вака подготвениот крем излејте го преку тенкиот слој од банани, израмнете и наредете уште еден тенок слој од тенко сечкани банани. Тортата е подготвена, не мора да се декорира, но доколку сакате може да ја украсите со тенки линии од растопено чоколадо и да наросите чоколадни трошки или нешто по ваш избор.

Тортата треба да отстои преку цела вечер во фрижидер за добро да се стегне и да се олади. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете ОВДЕ.