Бурекот е едно од највкусните јадења во нашиот регион. Доколку често подготвувате домашен бурек, сигурно го знаете мирисот од домашно растегнетите кори кој ја опива целата просторија. Проследете го рецептот на Валентина, која за многу кратко време подготви бурек кој не се меси и не се тегне долго.

Наместо класичното превиткување на корите, може да погледнете два едноставни начини за превиткување на бурекот. Првиот начин потсетува на вртена пита со месо, а вториот начин ќе ве изненади. Бурекот може да го филувате со месо, сирење, урда, шунка, кашкавал.. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг брашно, 2 лажички сол, 500 мл вода, 150 г билна маст или путер, 200 – 260 мл масло, 800 г – 1 кг јунешко мелено месо, 2 големи главици кромид, сол, црн пипер, 8-10 лажици вода.

ПОСТАПКА: Во сад се става брашното при што се прави вдлабнатина на средина и се додава сол. Потоа се сипува и млаката вода и се замесува тесто со средна цврстина. Замесеното тесто се префрла на работна повришна претходно набрашнета и се меси уште 5-6 минути односно тестото не треба да се лепи на површината и не смее да има грутки.

Откако ќе се замеси тестото, се дели и се формираат топки. Секоја топка би требало да биде од 200 до 220 г (oбично излегуваат 8). Секоја топка убаво се обликува. Потоа во некој плех ги редите топчињата кои притоа ги мачкате со билна маст или масло, исто така и плехот треба претходно да биде подмачакан (тестото малку да плива во маслото).

Топчињата треба малце да ги сплескате и ги оставате да отстојат еден и пол час под крпа во топла просторија. Во меѓувреме го подготвувате филот: кромидот го сечкате колку што може поситно и го ставате во посебен сад со меленото месо, потоа додавате 6-7 лажици обична вода, сол и црн пипер. Сето тоа го замесувате со рака за убаво да се соединат состојките.

Откако ќе отстои тестото се зема по едно топче и на претходно намастена работна површина се растегнува. Започнувате од средината кон краевите. Колку што можете потенко ја развлекувате кората со рацете.

Кога ќе ја развлечете убаво во огромен правоаголник или елипсовиден облик ја попрскувате со масло и ја превиткувате од двете страни до половина (од подолгите страни). На средината го ставате филот. Па повторно ја преклопувате од двете страни и потоа ја вртите во форма на полжав и ја ставате во плех. Истата постапка ја повторувате и со останатите топчиња.

На овој начин се подготвува босанскиот бурек (нешто слично на вртена пита со месо), додека разликата од обичниот вид е само начинот на превиткување. Развлеченото тесто се преклопува од двете страни до средина и истото се повторува и со краевите.

Во видеопрезантацијата може да погледнете дека Валентина подготви 4 босански пити-бурек, а со останатите кори прикажа како се превиткува кората за бурек во српскиот крај. Превиткувањето е речиси идентично, единствената разлика е што полжав тестото се става врз друга развлечена кора и пред да се преклопи се става филот.

За овој вид на бурек се повторува постапката со четири кори. Се пече во претходно загреана рерна на 200-220 степени. По 20 минути се вади и се премачкува со мешавина од вода и масло и се враќа во исклучена рерна 5 до 10 минути. Деталите погледнете ги ОВДЕ.