Испробајте го рецептот за КРЦКАВО ЛЕПЧЕ кое кога ќе го гризнете, внатре ве очекува многу вкусен и сочен фил од компири и кашкавал. Лепчето се замесува без јајца и не се пече во рерна, туку во тава, на рингла. Ова лепче освен што е многу вкусно, исто така е и заситно, па може да замени цел оброк.




Се подготвува многу лесно од состојки кои речиси секогаш ги имаме во кујната. Кога ќе го пресечете додека сè уште топло, ќе уживате во пријатниот мирис на филот, но најмногу во крцкавиот вкус на тенката надворешна коричка. Сите што го дегустираа се воодушевија и побараа во брзо време повторно да го направам. Еве што е потребно:




Потребни состојки: 90 г бело брашно, 55 мл млеко, 10 г растопен путер, прстофат сол, 1 компир, 2 лажички мајонез, рендана моцарела. Ова е количина за 1 лепче, големина која излегува приближн колку нормално тавче со дијаметар од 22 см.

Доколку сакате да правите поголема количина, зголемете ги соодветно состојките. Филот секако можете го менувате по ваш вкус. Постапка: Во подлабок сад ставете го просеаното брашно. Додајте го млекото (млако или на собна температура) и растопениот путер, па промешајте.




Додајте прстофат сол и полека замесете меко тесто кое ќе го формирате во топче. Нема потреба од многу месење бидејќи тестото треба да биде меко и воздушесто, доволно е да го месите вкупно 5 минути, додека да се соединат сите состојки и да нема грутчиња од брашното.




Завиткајте го тестото во проѕирна фолија или кеса и ставете го во фрижидер да отстои 1 час за да се стегне. По изминатото време многу убаво ќе се работи со него. Во меѓувреме измијте го добро компирот и излупете го. Исечете го на помали коцки и ставете го да се вари во тенџере со вода, додека да омекне.




Кога компирот ќе се свари, испасирајте го со виљушка и во него додајте 2 лажички мајонез и промешајте додека мајонезот да се впие. По изминатото време, тестото извадете го од фрижидер и развлечете го со оклагија во круг со дијаметар од 22 см.

На средина од тестото додајте моцарела и пирето од компир и врз него наросете уште малку рендана моцарела или некој друг кашкавал по ваш избор. Внимателно започнете со пакување на тестото во топка, односно да ги собирате страните при врвот.




Добро затворете го врвот и тестото превртете го на другата страна. Уште малку разлечете го со оклагија, нешто помалку од големина на тавчето во кое ќе се готви. Тавчето ставете го на рингла да се загрева на умерена температура и премачкајте го со малку путер или масло.




Ставете го лепчето да се пече на ниска температура, а горната страна премачкајте ја со масло/путер. Кога долната страна ќе добие златна боја, превртете го лепчето од другата-непечена страна и печете го на истиот начин.




Потоа повторно превртете го на првата страна, продолжете со печење уште 2-3 минути додека убаво да зарумени, па извадете го и послужете го. Лепчето е многу вкусно и може веднаш да се јаде додека е топло. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.