Колку и да направите од оваа салата, никогаш нема да биде доволно. Предност за оваа салата е што после 7 денови може да ја јадете, а може и да ја чувате за зима. Може да ја подготвувате до доцна есен, додека уште ги има пиперките на пазарот. За овој рецепт не е важно каков вид пиперки користите, тоа може да бидат обични пиперки, сомборки, црвени…




„Oвој рецепт е многу стар и го „ископав“ од тефтерот со пожолтени листови на мајка ми. Речиси и да заборавив на рецептот додека брат ми не ме потсети“, открива Валентина која со задоволство го претстави рецептот. За овој рецепт, ќе ви бидат потребни и неколку чисти и cтерилизирани тегли кои имаат соодветни капаци, најдобро нови.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 кг исчистени пиперки. За смесата за обарување: 2 литри вода, 1 литар вински оцет, 250 г сол, 250 г шеќер, 300 мл масло, 2 кесички бел синап, 2 кесички црн пипер во зрна (или шарен пипер). ЗА ФИЛ: 3 кг зелка, 1 кг моркови, 2 китки магдонос, 3 главици лук. Сол се додава по потреба.




ПОСТАПКА: За почеток ви е потребно едно тенџере, малку подлабоко во кое треба да ставите 2 литри вода. Во тенџерето сипете 1 литар вински оцет. Уште ќе ви биде потребно 250 г сол и исто толку шеќер. Потоа 300 мл масло, 2 кесички бел синап зачин и нешто повеќе или само 2 кесички црн пипер во зрна (може и шарен).




Вклучете ја ринглата да се загрее, со повремено мешање за шеќерот да не се залепи на дното. За обарувањето на пиперките не ви треба многу време, доволно е 1-2 минути, додека пиперките да омекнат, но не целосно да се сварат, бидејќи на тој начин ќе се распаѓаат.




На ренде изрендајте ја зелката (може и на рака да се исечка). Прво изрендајте 1/4 главица, додајте сол по вкус, измешајте, па продолжете да посолувате на истиот начин. Морковот изрендајте го на ист начин, па и китките магдонос прво добро се мијат, па се сечкаат ситно. Лукот може да го истиснете низ преса или ситно да го исечкате.




Вака подготвениот зеленчук складирајте го во едно поголемо тенџере и со рака соединете ги состојките. Кога водата со оцет ќе зоврие, спуштајте ги пиперките во неа. Во зависност од големината на тенџерето, додавајте ги пиперките на неколку пати. Со помош на дрвена лажица буткајте ги пиперките во водата, па после 1-2 минути вадете ги на чинија.




Кога пиперките малку ќе се оладат, полнете ги со мешавината од рендан зеленчук (зелка, морков, магдонос, лук). Вака подготвените пиперки редете ги во чисти и стерилизирани тегли со отворот свртени кон надворешноста на теглите. Кога ќе ги наполните теглите, одозгора затворете ги пиперките со пластични притискачи или со помош на 2 чепкалки.




Течноста во која ги варевте пиперките, повторно зовријте ја (треба да биде врела) и налијте ги теглите со неа. Малку протресете ги теглите за течноста да продре насекаде. Убаво затворете ги теглите со соодветен и здрав капак.

Теглите ги префрлив во една тепсија со крпа на дното и одозгора ги покрив со крпа или фротирка. На овој начин се оставаат да отстојат 24 часа. Потоа се префрлаат во подрум или на некое друго темно и ладно место. Може да се користат по 7 дена отстојување или да се чуваат за зимата.

Коментар на Зорица: „Ова мора да се проба, но не со вински оцет, туку со обичен. Фала Валентина.“ Коментар на Лилјана: „Фантастичен рецепт за обарена пиперка, полнета со зелка. Не го сакам баш мирисот на вински оцет, многу ми е јак.“ Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.