Подгответе го рецептот на „Домашни рецепти“ за млечни кифли, кои се меки како памук. Рецептот е еден од поедноставните, па дури и почетници можат да го направат. За оние поискусните, ова ќе биде уште еден убав рецепт за паметење.

Може да ги подготвите слатки или солени, полнети или шупливи. Јас половина ги наполнив со парче шунка за децата, а останатите ги оставив шупливи.

Бидејќи во тестото се става млеко и путер, кифлите имаат многу убав вкус и затоа нема потреба да се додава нешто друго во нив.

Можете да го сечете како триаголници или како квадрати и да го филувате со што сакате. Еве што ви е потребно.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 мл млеко, 1 лажица шеќер, 40 г свеж или 10 г сув квасец, 75+50 г путер, 1 лажица сол, 800+100 г меко брашно, 1 жолчка од јајце, 1 лажица млеко.

ПОСТАПКА: Во подлабок сад сипете го топлото млеко, додајте го квасецот (јас користев свеж), шеќерот и 2 лажици брашно.

Измешајте ги состојките со жица или маталка и оставете десетина минути додека да се активира квасецот и да набубри. За тоа време растопете 75 г путер и оставете да се излади на собна температура.

По 10 минути додајте го путерот во активираниот квасец и приближно 500 г брашно и сè измешајте со маталката. Кога смесата ќе се згусне, додајте уште малку брашно и сол и продолжете со мешањето. Кога тестото ќе стане малку потврдо, замесете го на рака.

За тестото ќе ви биде потребно приближно 800 г брашно. Останатите 100 гр ќе ги искористите за месење и растегнување на тестото по отстојувањето. Кога тестото е речиси замесено, ставете го на работната површина, малку премесете го со рака и натапкајте го за да се рашири, па премачкајте го со 50 г омекнат путер.

Месете го тестото додека путерот целосно да се соедини во тестото. Кога ќе го додадете путерот, тестото ќе почне да се распаѓа, да е лепливо, но такво треба да биде.

Месете додека да се формира убаво топче тесто во кое сѐ е еднакво распоредено. Потоа тестото поделете го на 2 дела. Наросете брашно на работната површина, ставете го тестото врз брашното и повторно наросете го со брашно. Покријте го со крпа и оставете да отстои 30 до 60 минути.

После тоа, првото парче тесто се развлекува во круг со оклагија. Кората треба да ви излезе тенка. Исечете на триаголници колку што сакате. Помалку триаголници поголеми лепчиња и обратно. Не ви е потребен фил за овие кифлички, но доколку сепак сакате да ги филувате, некои може да ги направите со сладок или солен фил (тестото е неутрално).

Свиткајте ги кифличките, почнувајќи од пократката страна на триаголникот кон врвот и редете ги во плех. Оставете ги 30 минути покриено со крпа за уште малку да нараснат. Изматете ја жолчката со лажица млеко и премачкајте ги кифличките. По желба наросете семки одозгора.

Вклучете ја рерната да се загрее на 200 степени и печете ги кифличките 20-25 минути, во зависност од рерната. Печените кифлички по желба може да се премачкаат со путер додека сѐ уште топли. Деталите погледнете ги ОВДЕ.